Според директорот на Фондот за здравствено осигурување станува збор за значаен чекор бидејќи повредените на кои им е потребна ваква терапија сега не мора да патуваат до Скопје
Десет лица повредени во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани добиле третман со ПРП-терапија (плазма збогатена со тромбоцити) во кочанската болница, соопшти директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски преку објава на социјалните мрежи.

Сподед директорот на Фондот, станува збор за значаен чекор, бидејќи повредените на кои им е потребна ваква терапија, ќе можат да ја примаат во Општата болница во Кочани наместо во Скопје.
Интервенциите, како што наведе тој, ги извел тим од Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ од Скопје.
„Во Општата болница во Кочани, 10 лица повредени во трагедијата беа третирани со ПРП терапија (плазма збогатена со тромбоцити). Интервенциите ги изведе тим од болницата „Св. Наум Охридски“ од Скопје. Претходно, девет лица беа третирани од Клиниката за пластична хирургија Скопје. Ова е голем чекор напред – ПРП терапијата сега е достапна во Кочани, без потреба од патување до Скопје! ПРП е иновативна метода што користи плазма од сопствената крв за да го забрза заздравувањето на оштетената кожа“,
напиша Клековски на Фејсбук.
Директорката на кочанската болница, д-р Катерина Паниќ-Мирчовска, пред три дена во телевизиско гостување рече дека досега се склучени договори со специјалисти за физикална медицина и пластична хирургија од штипската Клиничка болница, Клиниката за пластична хирургија и Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, кои во локалната болница ќе работат на третман на повредените од пожарот во „Пулс“.
Таа соопшти дека во тек е процес на склучување договори со пулмолози од Градската општа болница „8 Септември“ кои ќе доаѓаат во болницата во Кочани.
Новиот министер за здравство Азир Алиу прашан на денешниот брифинг со новинарите дали ќе одговори на барањето од кочанската болница за вработување на општи лекари, физиотерапевти, медицински сестри за кои велат дека се неопходни, рече дека веќе е одговорено.