Засега нема информации за пријавена материјална штета
Пороен дожд проследен со силни електрични празнења и засилен ветер денеска попладне зафати делови од Скопје. Врнежите од дожд беа најизразени во источните делови од градот, каде во некои населби можеше да се забележи и појава на град.
Засега нема информации за пријавена материјална штета.
Во делови од Скопската Котлина и понатаму врне дожд со променлив интензитет, проследен со грмотевици.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за денеска попладне најавија нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме со изолирана појава на град.
Оттаму упатија препорака за поголема внимателност во случај на појава на електрични празнења, односно да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Нестабилното време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, според прогнозата на УХМР, ќе се задржи до петок.