Во врска со зголемените цени на производите по укинувањето на ограничените маржи, Фити нагласи дека економската наука е против директните интервенции како замрзнувањето на цените, бидејќи тие често се контрапродуктивни и проблемите се кумулираат

Ескалација на воениот конфликт меѓу Иран и Израел носи сериозни инфлациски импликации за македонската економија, што може да доведе до зголемување на производствените трошоци на сите бизниси, предупредува академик Таки Фити.
Според Фити, променливиот геополитички пејзаж, обележан со војната во Украина, трговските војни и сега конфликтот на Блискиот Исток, создава многу поризична средина со силни негативни импликации врз економијата и развојот на земјите.
„Цената на нафтата е многу значајна, бидејќи е инпут во производство на огромен број производи – од една страна е енергент, а од друга многу производи технолошки базираат на користење нафта“,
објасни академик Фити кој учествуваше на денешната тркалезна маса „Зелен раст – посебен осврт врз Северна Македонија што ја организира МАНУ.
Тој потсети на енергетската криза кога високите цени на енергенсите не резултираа со рецесија, но земјите беа блиску до стагфлација – истовремено присуство на низок економски раст, висока инфлација и висока невработеност.
За Македонија, опасноста е уште поголема поради структурата на економијата и високата увозна зависност за многу производи и енергија.
„Како растат цените во тие земји, така таа инфлација се увезува и кај нас. Зависи колку ќе трае војната, тоа ќе ги зголеми трошоците на производство на сите бизниси и тоа е многу сериозен проблем“,
изјави Фити.
Во врска со зголемените цени на производите по укинувањето на ограничените маржи, Фити нагласи дека економската наука е против директните интервенции како замрзнувањето на цените, бидејќи тие често се контрапродуктивни и проблемите се кумулираат. Тој се залага за индиректни мерки и посочи на улогата на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
„Основно е да се контролира ситуацијата со индиректни мерки. Ние ја имаме Комисијата за заштита на конкуренцијата и таа треба да си ја врши својата работа“,
порача академик Фити.
Тој критикуваше дека во екот на кризата, Комисијата изјавила дека не постапува ако нема „допрен глас“, потенцирајќи дека таа има компетенции да спречува монополистичко однесување, доминантна позиција на фирми и да казнува директно.
Академик Фити се осврна и на долгорочните проблеми на бизнисите и економијата, потенцирајќи ја важноста на иновациите, модерната организација на производство и современите методи на управување за зголемување на квалитетот и обемот на производство.
Посебен осврт беше даден на земјоделството. И покрај огромните субвенции, постојат сериозни индикации дека тие не даваат соодветни резултати, истакна Фити, повикувајќи на промена на системот на субвенционирање.
„Треба да се субвенционира земјоделството, но треба да се смени системот на субвенционирање. Ние уште субвенционираме врз база на посеани површини, таа работа не оди така. Треба на аутпутот, на производот што се произведува и треба тие субвенции да одат во вистински раце“,
нагласи тој, посочувајќи дека честопати завршуваат кај лица кои не се занимаваат со земјоделство.
Фити заклучи дека силното домашно земјоделско производство е клучно за безбедноста и сигурноста на земјата во тешки кризни ситуации и во променет геополитички пејзаж.