Во врска со војната во Иран, Ванг вели дека Кина ги охрабрува и двете држави да продолжат да ги решаваат своите разлики и спорови, вклучително и нуклеарното прашање, преку преговори, и се залага за повторно отворање на Ормускиот Теснец што е можно поскоро врз основа на одржување на прекинот на огнот

Министерството за надворешни работи на Кина соопшти дека претседателот Си Ѓинпинг ќе ги посети САД оваа есен на барање на претседателот Доналд Трамп, пишува Си-ен-ен.
Самитот што изминатите денови се одржа меѓу двете држави е оценет од кинеска страна како „историски“ и суштински.
„Ова беше важен состанок на кој двајцата шефови на држави се вклучија во длабинска комуникација и постигнаа значителни резултати“,
изјави министерот за надворешни работи Ванг Ји за државните медиуми, нарекувајќи го и „историски состанок“.
Тој особено го пофали напредокот во трговијата и економските прашања.
Ванг вели дека трговските преговарачи постигнале „целосно избалансирани и позитивни резултати, вклучително и продолжување на спроведувањето на сите консензуси постигнати во претходните консултации“.
„Кина и САД се осврнаа на ‘загриженоста во врска со пристапот до пазарот на земјоделски производи’ и го промовираа проширувањето на трговијата во рамките на реципрочно намалување на царините. Двете земји, исто така, се согласија да формираат трговски и инвестициски совет“,
рече Ванг.
Во врска со војната во Иран, Ванг вели дека Кина ги охрабрува и двете држави да продолжат да ги решаваат своите разлики и спорови, вклучително и нуклеарното прашање, преку преговори, и се залага за повторно отворање на Ормускиот Теснец што е можно поскоро врз основа на одржување на прекинот на огнот.
Кинеската влада, која одржува силни врски со Русија, рече дека се надева оти конфликтот во Украина ќе заврши што е можно поскоро.
„Кина и САД се подготвени да продолжат да одржуваат комуникација и да играат конструктивна улога во промовирањето на политичко решавање на кризата“,
рече Ванг.
Во однос на Тајван, прашање што е особено важно во односите меѓу Кина и САД, Ванг изјавил оти Пекинг чувствува дека претседателот Доналд Трамп го разбира нивниот став за Тајван.
„За време на состанокот почувствувавме дека американската страна го разбира ставот на Кина и им придава важност на загриженоста на Кина и, како и меѓународната заедница, не го поддржува ниту прифаќа движењето на Тајван кон независност“,
изјави Ванг за кинеските државни медиуми по самитот на лидерите.
Ванг повторил оти прашањето за Тајван е најважното прашање во односите меѓу Кина и САД и оти тоа влијае на ситуацијата како целина.
„Се надеваме дека американската страна ќе се придржува до принципот на една Кина и трите заеднички коминикеа меѓу Кина и САД и ќе ги исполни своите меѓународни обврски“,
додава Ванг.
Принципот на „една Кина“ се однесува на кинескиот официјален став дека Тајван е дел од нејзината територија, која сака да ја „обедини“, и покрај тоа што Народна Република Кина никогаш не го контролирала самоуправниот, демократски остров. Вашингтон одржува силни неофицијални односи со Тајван.
Трамп во изјава за новинарите во „Ер форс уан“ рече дека „не презел никаква обврска“ за Тајван за време на средбата со кинескиот претседател Си Ѓинпинг, откако Пекинг предупреди дека прашањето може да предизвика конфликт меѓу двете земји.
Американскиот Стејт департмент претходно неделава изјави дека политиката на САД за самоуправниот остров е „непроменета“.
Министерот за надворешни работи на Тајван, пак, денеска изјави дека владата на островот внимателно ги следела средбите меѓу Трамп и Си, нагласувајќи дека Тајпеј „одржува добра комуникација“ со САД. Тој ги истакна коментарите на Рубио, велејќи дека „долготрајната политика на САД кон Тајван, која опфаќа повеќе претседатели и администрации, не се променила“.
