Тој додава дека редовно се следи ситуацијата со цените во маркетите и оти се пристапува на решавање на проблемот, но не прецизира за какво решение се работи

Многу скоро ќе има предлог-решение за ублажување на растот на цените на прехранбените производи, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Тој додава дека редовно се следи ситуацијата со цените во маркетите и оти се пристапува на решавање на проблемот, но не прецизира за какво решение се работи.
„Се консултираме со експертската јавност, следиме што се случува со однесувањето на трговците, производителите, дистрибутерите и на ланците на трговци, така што ова е еден сериозен процес во којшто сериозно навлегуваме и мислам дека многу скоро ќе излеземе со предлог решение“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Битола.
И министерот за економија и труд Бесар Дурмиши викендов најави дека не е исклучена можноста повторно да има воведување мерки доколку има енормно зголемување на цените.
Дурмиши рече дека Државниот пазарен инспекторат ја следи состојбата, но дека не е забележано драстично зголемување на цените.
„Нема драстично зголемување на цените во делот, каде што ние сме надлежни, во делот на прехранбени основни производи. Секој месец Државниот пазарен инспекторат ќе биде на терен и ќе гледа, ако случајно се случува да имаме зголемување енормно без економски оправданост од трговците на цените, нормално дека ќе донесеме пак одлуки и тоа сум кажал и во други изјави дека ќе донесеме поригорозни мерки од тоа што сме ги презеле досега“,
изјави Дурмиши.
По предлогот на Министерството за економија и труд, Владата на 20 февруари изгласа мерка која траеше до 30 април, а со која имаше ограничување на маржи за 100 групи производи и замрзнување на цени.