Министерството за финансии, според вчерашните најави на министерката Гордана Димитриеска-Кочоска, треба да пушти писма до банките што би доставиле понуди за финансирање на проектот брза пруга од Коридорот 10
Премиерот Христијан Мицкоски очекува годинава да почне изградбата на брзата пруга која е дел од Коридорот 10, а за која Министерството за финансии треба да испрати писма до банките што би доставиле понуди за финансирање.

„Министерството за финансии доби задолженија од Владата. Очекувам периодот формално да испратат дописи со потенцијалните заемнодавачи. Ако сè биде како што треба, оваа година очекувам почеток на изградбата на оваа пруга, а тоа ќе значи многу во историска и во транспортна смисла“,
рече тој денеска при посета на Битола.
Министерството за финансии, според вчерашните најави на министерката Гордана Димитриеска-Кочоска, треба да пушти писма до банките што би доставиле понуди за финансирање на проектот брза пруга од Коридорот 10.
Крајниот рок до кога банките би ги поднесувале понудите, како што таа рече, сè уште не е дефиниран.
„Треба да видиме колку банки се, за да видиме колку време ќе ни треба и нам и ним. Мислам дека до 30 јуни ќе треба да се достават понудите, но почекајте да го пуштиме писмото и ќе информираме кога ќе биде крајниот рок за понудите“,
вели министерката.
Посочи дека Владата го задолжила министерството со кое раководи, во рок од пет дена да достави понуди.
„Рокот го внесуваме врз основа на документите. Можеби ќе треба и нешто да се продолжи ако банките бараат дополнителни податоци. Во писмото се наведуваат контакт лица од Министерството за финансии (МФ), но и од одговорните институции зашто МФ не е тоа што одговара за детали од проектот што треба да се финансира. Станува збор за 1,91 милијарда евра кои ќе бидат побарани како понуда од една поголема листа на банки, вклучувајќи ги и оние со кои имаме постојана соработка како Светска банка, Европска инвестициска банка и Европска банка за обнова и развој (ЕБОР). Ќе бидете информирани навреме како што ќе стигнуваат понудите – што ќе има внатре. Да нема дилема, ќе бидеме максимално транспарентни какво што било секогаш Министерството за финансии“,
рече вчера таа.