„Во една соседна земја, на само 20 километри од Скопје, вие да добиете ист производ за 30% поевтин, тогаш треба вистински да се запрашаме што се случува. И овде е Владата таа којашто, во суштина, треба да реагира преку Државниот пазарен инспекторат и други мерки што не се најдобри, не се во сегментот на пазарната економија, но некогаш се нужни“, вели пратеникот на СДСМ и ексвицепремиер за економски прашања во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

360°: За секојдневниот живот, граѓаните се жалат на високи цени на храната. Според последните статистики, индексот на трошоци за живот во мај годинава во однос мај 2024 г. бележи зголемување од 3,3%, мај во однос на април оваа година во категоријата храна и безалкохолни пијалаци зголемувањето е 4,1%, што укажува на зголемување на цените, а и државната статистика го потврдува тоа. Што, според вас, се причините за тоа и може ли нешто реално Владата да направи за да се заузда овој бран?
Битиќи: Истото прашање што не им се поставуваше на опозицијата во времето кога ние владеевме, опозицијата нè обвинуваше дека ние не се справуваме соодветно со ценовните шокови алудирајќи дека мора нешто да направиме, па кога ќе направевме мерка, излегуваа нивните економисти и велеа – ова е спротивно на пазарната економија, но во далеку посложени услови, со далеку повисока инфалција којашто тогаш сите тврдевме дека е увезена, ние направивме максимум што можеше да биде направено, со различен сет на мерки.
360°: Сега што би направиле вие?
Битиќи: Слично, на пример, сега уште полесно затоа што имаат две алатки во рака што Владата не ги користи. Првата е законот за нефер трговски практики.
360°: Тој никако да профункционира.
Битиќи: Не знам, јас тврдев дека ако останевме на власт, веќе во септември ќе беше целосно операционализиран, ќе имаше соодветен капацитет во комисијата за заштита на конкуренција и соодветно ќе се интервенираше. Имаше неколку дојави при комисијата за заштита на конкуренција, гледам дека некако споро им оди, дури мислам дека они самите излегоа дека најдоа таканаречено картонско здружување кај одредени маркети гледаме дека ништо не се случи немаше разрешница. Инаку, разрешницата е таму во принцип со казнени одредби, се поставуваат казни што се сериозни високи, но видовме дека нема разрешница и сè додека имате такво однесување со законско решение во рака… Повикот на етика, морал и јас тоа сум го правел, ги слушам и сегашните министри, никаде во светот тоа не функционира.
360°: Од друга страна, господине Битиќи, ако имате купувачи за цреши коишто се 500 денари за килограм на Буњаковец, тогаш тоа што зборува?
Битиќи: Веројатно зборува за потребата за таков вид на производ. Но, треба да видиме дали вистински таа цена е вистинска призводна цена или има други трошоци коишто ја зголемуваат цената. Јас, еве кажувам, дека не може ако е увезен прозивод, неговата цена во соседството да биде три пати пониска од кај нас, затоа што кога ќе ги видите царинските стапки и другите трошоци, не можат да ја зголемат цената на прозиводот два-три пати. Еве, јас, по некоја случајност, гледав одредени цени на месо, свежо месо и замрзнато месо, коешто се увезува во нашата земја. За жал, можам да потврдам дека увозната наспроти малопродожната цена во многу од месарниците, па и супермаркетите, е со сериозна бруто, па и нето-маржа.
360°: На телешкото месо мислите, пред сè, тоа е најскапо?
Битиќи: Па, да – телешко, јунешко месо, за свинско имаме уште нешто домашно производство, ама тоа секогаш било поевтино, иако и таму има одреден пораст. За жал, кога ќе видите колкави се маржите… Во една соседна земја, на само 20 километри од Скопје, вие да добиете ист производ за 30% поевтин, ист производ, тогаш треба вистински да се запрашаме што се случува. И овде е Владата таа којашто, во суштина, треба да реагира преку Државниот пазарен инспекторат и други мерки што не се најдобри, не се во сегментот на пазарната економија, но некогаш се нужни.