Без оглед на различните пристапи и мислења, како што соопшти македонскиот тим, се настојува на проактивен курс, залагајќи се за изнаоѓање конструктивни и одржливи решенија, базирани на позитивните европски практики, со заемно почитување на правото на различна перцепција кон минатото
Предлог-препораките за македонските учебници за седмо одделение, како и за евентуални заеднички чествувања беа тема на вчерашните и денешните разговори во Скопје на 36. средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.

Македонскиот тим од Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовна прашања вели дека во врска со предлог-препораките повторно до израз дојдоа различните поглееди и сфаќања.
„Што се однесува до евеентуалните заеднички чествувања се разговараше принципиелно, а не по конкретни предлози“,
велат од македонскиот тим на Комисијата.
Сепак, без оглед на различните пристапи и мислења, како што соопшти македонскиот тим, се настојува на проактивен курс, залагајќи се за изнаоѓање конструктивни и одржливи решенија, базирани на позитивните европски практики, со заемно почитување на правото на различна перцепција кон минатото.
Во вчерашната најава за состанокот на Комисијата, за тема на разговор, освен учебниците за седмо одделение во земјава, беше посочена и можноста за заедничко чествување на Гоце Делчев.
Тоа го потврди и Ангел Димитров, претседателот на бугарскиот тим од Комисијата, кој рече дека ќе се разговара за учебниците за седмо одделение во Р С Македонија и можноста за заедничко чествување на Гоце Делчев.
Новиот состав на македонскиот тим беше избран на 10 септември 2024 година од Владата. За претседател е назначен Ванчо Ѓоргиев, професор на Факултетот за историја во Скопје. Други членови на комисијата се: Митко Панов, историчар од Институтот за национална историја; Никола Минов, професор по историја на Филозофскиот факултет; Сашо Додевски, насловен доцент од Институтот за историја на Филозофскиот факултет; Бесник Емини, историчар од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје; и Димитар Љоровски, историчар вработен во Институтот за национална историја.
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.
Досега комисијата усвои препораки за заедничко чествување на пет историски личности – Светите браќа Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самоил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто оделение во Македонија и за пети клас во Бугарија.