„Ние сакаме средба, и средби и комуникација, бидејќи сметаме дека е нормално сите соседи да комуницираат не само по однос на политички прашања, туку по однос на низа прашања, коишто нас нè засегаат во билатералните односи… но истовремено нема да отстапиме од поставени принципиелни позиции“, изјави денеска шефот на македонската дипломатија
Сиљановска-Давкова, одговарајќи на новинарско прашање, денеска изјави дека иако е правило да има средба со својот хомолог, не е проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Желјазков со оглед дека е потврдено оти нејзиниот бугарски колега, претседателот Румен Радев, не доаѓа во Хаг. Прашана дали е потврдена евентуална средба со Желјазков, претседателката рече дека средбата е предложена од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и оттаму треба да дојде потврдата
Одговорот на прашањето дали на маргините на претстојниот Самит на НАТО во Хаг ќе се случи средба помеѓу македонската и бугарската страна, треба да се бара во Софија – изјави денеска шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски.

Она што може да го каже тој, рече Муцунски, е дека очекуваат повеќе средби и редовна комуникација со нашиот источен сосед не само во однос на политички прашања, туку и за сè што е од заемен интерес на двете држави.
„Не можам јас тоа да го одговорам, тоа ќе треба како прашање да го поставите во Софија. Јас можам да ви одговорам што ние правиме и што ние очекуваме. Ние сакаме средба, и средби и комуникација, бидејќи сметаме дека е нормално сите соседи да комуницираат не само по однос на политички прашања, туку по однос на низа прашања, коишто нас нè засегаат во билатералните односи. И ние секогаш ќе наоѓаме начин за комуникација врз основа на принципи, вредности, политики насочени за добробит на нашата држава со сите наши соседи, вклучително и со Бугарија. Но, истовремено, нема да отстапиме од поставени принципиелни позиции“,
рече Муцунски одговарајќи на новинарско прашање на денешната заедничка прес-конференција со својот унгарски колега Петер Сијарто, кој е во официјална посета на земјава.
Ваквиот став, како што кажа, му го пренел и на неговиот бугарски колега Георг Георгиев во телефонскиот разговор што двајцата шефови на дипломатиите го имале во средата.
Муцунски се наврати и на средбата што со Георгиев ја имаа на почетокот на неговиот мандат во Минхен, која, како што кажа, била на наша иницијатива.
„Ги поддржуваме напорите, кои доаѓаат за одржување средби и во рамки на Самитот во Хаг и на сите други форуми и ќе даваме секогаш поддршка за се она што значи добри односи со сите наши соседи“,
рече Муцунски.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на земјава додаде дека тоа не значи отворање на каков било простор за отстапка во однос на тоа што е наша утврдена државна позиција, која постојано ја изнесува во јавноста.
„Сметаме дека нашиот пат кон ЕУ треба да стане предвидлив, 20 години нè иритира создавањето на наратив на жртва, но факт е дека повеќе од 20 години сме жртва на постојаната билатерализација на нашиот европски пат. Оваа влада во својата прва година од мандатот успеа да обезбеди пристап до СЕПА, стана прва држава во регионот која потпиша партнерство во делот на безбедноста и одбраната со ЕУ, прва обезбеди средства од Планот за раст од Реформската агенда“,
рече Муцунски.
Во таа насока, тој додаде дека за ваквата состојба се свесни сите во Европа, но свесни се, како што кажа, и за спорот со Бугарија, за кој вели дека треба да се најде начин за негово надминување.
„Треба да најдеме начин да се надмине таа препрека, за тоа нема дилема, ниту во Владата, ниту кај претседателката на државата, ниту кај кој било од нас, верувам, ниту кај кој било од вас. Не смееме да дозволиме на патот до членството да бидеме понижени, погазени, да дозволиме да продолжи оној тренд, кој, за жал, се воспоставуваше од нашите претходници, од откажување од нашиот национален идентитет, од отстапки во однос на нашиот јазик, од отстапки по однос на нашата историја, во однос на кое било наше идентитетско обележје, бидејќи што е една нација доколку нема свој идентитет. И тие се оние црвени линии, кои јасно и принципиелно ги воспоставуваме“,
изјави шефот на македонската дипломатија.
Инаку, Македонија на претстојниот Самит на НАТО во Хаг на 24 и 25 јуни ќе ја претставува претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, додека на чело на бугарската делегација ќе биде премиерот на земјата, Росен Желјазков.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека ако има каква било иницијатива за средба меѓу претседателката Сиљановска-Давкова и бугарскиот премиер Росен Желјазков на претстојниот Самит на НАТО во Хаг, тоа треба да се прифати.
Тој додаде дека ќе побара состанок со претседателката Сиљановска-Давкова, со цел со неа да разговара на оваа тема.
Од кабинетот на претседателката вчера за ТВ Телма соопштија дека таа е подготвена да се сретне со бугарскиот премиер во Хаг ако има таква подготвеност и од другата страна.
Ова денеска го кажа и Сиљановска-Давкова, која одговарајќи на новинарско прашање, изјави дека иако е правило да има средба со својот хомолог не е проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Желјазков со оглед дека е потврдено оти нејзиниот бугарски колега, претседателот Румен Радев не доаѓа во Хаг.

„Јас за евентуална средба разговарав со господинот Антонио Кошта, негов беше предлогот. Во меѓувреме јас не знам, јас ќе бидам таму ако ми е мене редот. Инаку, се знае, ред е да се разговара со хомологот, но еве нема проблем меѓутоа, не зависи од мене туку зависи од нашите соседи. Се разбира ние сме толку блиску што би можеле и да разговараме и во близина некаде, но предлогот дојде од господинот Антонио и тој сега кога бев јас во Ница ме информира дека нема да дојде господинот Радев на Самитот на НАТО, туку ќе дојде Желјазков“,
рече Сиљановска-Давкова, која денеска присуствуваше на книжевната манифестација „Празника на липите“.
Прашана дали е потврдена евентуална средба со Желјазков, претседателката рече дека средбата е предложена од претседателот на Европскиот совет и оттаму треба да дојде потврдата.
„Ако е предложено од европска страна, односно од претседателот на Европскиот совет, оттаму треба да дојде. Инаку јас сум спремна за разговор со господинот Радев. Неколку пати се имаме видено, тој ги знае моите, односно нашите национални ставови, ги знае и господинот Антонио, ги знаат и останатите. Јас секогаш велам дека може да дојде време да дојде до израз европската креативност, која неколкупати сме ја виделе, еве и во овој случај заради доброто на регионот и заради можеби најважниот европски процес во моментов – процесот на проширување“,
рече Сиљановска-Давкова.