Во соопштението ДУИ ги обвинува ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски за меѓуетничка омраза, блокади и изолација, како и за противење на сите стратегиски напредоци на државата, од Охридскиот договор до членството во НАТО и ЕУ

Христијан Мицкоски продолжува со викотници, навреди и провокации во отсуство на каков било конкретен успех на неговата влада, велат од Демократската унија за интеграција (ДУИ) во денешната писмена реакција која доаѓа по вчерашниот говор на премиерот на конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ДУИ велат дека додека Мицкоски го прави сето тоа, граѓаните јасно гледаат дека единствената програма што му останала, пред неуспесите на владата што ја предводи, се омразата, потценувањето и исклучувањето на Албанците, клеветите и поттикнувањето на меѓуетничка поделба.
Мицкоски вчера на конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ ги доведе во прашање барањата на ДУИ за предвремени парламентарни избори нарекувајќи ги „естрада и парада“.
Мицкоски повтори дека неговата влада нема место за ваква ДУИ и нагласи дека партијата имала 23 години да го покаже својот капацитет, но не испорачала реформи. Тој, спомнувајќи „пропаднати фабрики за марихуана“, „фудбалчиња на црвените персиски килими“ и „распродажба на се што со крв е платено“, рече дека тоа не се реформи.
Од ДУИ возвраќаат дека токму во годините кога биле на власт земјата станала членка на НАТО, се доближила до ЕУ и изградила функционален модел на мултиетнички соживот.
„Земјата стана пример за регионот“,
додаваат од ДУИ.
Во соопштението, ДУИ ги обвинува ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски за меѓуетничка омраза, блокади и изолација, како и за противење на сите стратегиски напредоци на државата, од Охридскиот договор до членството во НАТО и ЕУ.
Од ДУИ го обвинуваат Мицкоски дека, штитејќи ги своите луѓе вмешани во трагедијата во Кочани, е подготвен да ги следи и заплашува родителите на жртвите.
„Потценувањето и исклучувањето на Албанците можеби ќе му донесе неколку радикални гласови во неговата партија, но на среден и долг рок тој сее семе на поделба што ќе тежи врз идните генерации“,
стои во реакцијата на ДУИ нагласувајќи дека ова е историска одговорност што ниту Мицкоски ниту кој било друг не може да ја испере со демагогија.
Од ДУИ додаваат дека остануваат партија на достоинството, обединувањето и прогресот и ветуваат дека нема да дозволат омразата да ја замени надежта, ниту поделбата да го замени начелото на еднаквост.
Според ДУИ, наредните избори ќе бидат „референдум против изолирана, поделена и корумпирана Северна Македонија“.