Од СДСМ прашуваат зошто Министерството за внатрешни работи молчи и дали за УМС на ВМРО-ДПМНЕ не важат законите

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ја осуди вчерашната прослава на Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ нарекувајќи ја „срамна и скандалозна“.
СДСМ ја критикува прославата за која вели дека е одржана додека „Македонија сè уште е во црно, додека 62 семејства жалат за загубените деца, а над 200 млади се борат со последиците од трагедијата во Кочани“.
Од партијата нагласуваат дека е срамно што на прославата се аплаудирало на говор на премиерот Мицкоски за кој велат дека бил полн со омраза и бил насочен кон семејствата на повредените и загинатите во Кочани.
„Дополнително, беа употребени и пиротехнички средства, кои не само што се законски забранети и опасни – туку се и причина за пожарот и големата трагедијата во Кочани што ја зави државата во црно“,
се вели во реакцијата од СДСМ.
Од партијата поставуваат низа прашања до надлежните институции и бараат одговори за тоа кој наредил и кој одобрил употреба на пиротехника на прославата на УМС, како и кој ја набавил и ја дистрибуирал.
Од СДСМ прашуваат зошто Министерството за внатрешни работи молчи и дали за УМС на ВМРО-ДПМНЕ не важат законите.
Партијата потенцира дека согласно новиот закон членот 31 предвидува казни и одговорност за ваква употреба на пиротехнички средства.
СДСМ бара итна реакција од Министерството за внатрешни работи, како и казни и одговорност согласно законите.