Според Здружението, трасата на брзата пруга може да биде адаптирана на локации каде [to би ги зачувала просторните можности на „Вардарската долина“, овозможувајќи истовремено и модерна транспортна инфраструктура и развој на хидроенергетиката
Упативме претставка до Владата и Министерството за транспорт со барање да се исклучи можноста трасата на идната брза железничка пруга да поминува низ просторот резервиран за реализација на проектот „Вардарска долина“, информираат денеска од здружението „Инженери на Република Македонија“.

„Во време кога светот се стреми кон обновливи извори на енергија и одржлив развој, ‘Вардарската долина‘ се наоѓа на крстопатот на историската одлука на оваа Влада што ќе го одреди правецот на нашата енергетска иднина. Дванаесетте хидроелектрани планирани во оваа регија не се само инфраструктурни проекти – тие се стратегиски столб на домашната економија, извор на чиста, зелена енергија и значителен потенцијал за раст и просперитет на Македонија’
се вели во соопштението од Здружението.
Изградбата на хидроцентралите во „Вардарската долина“, според Здружението на инженери, ќе донесе многу економски придобивки, значително намалување на зависноста од фосилните горива, ќе ја зајакне енергетската безбедност на земјата, акумулациите и системите за наводнување ќе го зголемат приносот во земјоделството, ќе се обезбеди стабилно управување со водните ресурси и заштита од поплави, како и обезбедување и заштита на плодното земјиште преку намалување на ерозијата.
„Придобивките од обновливата енергија се инвестиција не само во денешницата, туку и во иднината на нашите деца и внуци. Но, потенцијалот на овој проект е загрозен од тековните планови за трасата на брзата пруга, која, ако се реализира по постоечкиот колосек, ќе ја исклучи можноста за развој на хидроенергетските капацитети во ‘Вардарската долина’. Ова не е само техничко прашање, туку морална и еколошка одговорност да не им го одземеме правото на идните генерации да ја користат енергијата и придобивките од акумулациите што ‘Вардарската долина’ може да ги понуди“,
велат инженерите.
Според Здружението на инженери, трасата на брзата пруга може да биде адаптирана на локации каде што би ги зачувала просторните можности на „Вардарската долина“, овозможувајќи истовремено и модерна транспортна инфраструктура и развој на хидроенергетиката.
Во таа насока, ја повикуваат Владата и Министерството за транспорт да не го нарушуваат концептот „Вардарска долина“ бидејќи само така може да се обезбеди иднина во која енергијата тече слободно по Вардар, а со неа и просперитетот за сите нас.
Министерот за транспорт Александар Николоски во интервју за „360 степени“ најави дека државата сама ќе инвестира во брза пруга од Табановце до Гевгелија, која очекува да биде готова до 2031 година. Посочи дека изградбата на овој проект ќе чини околу две милијарди евра, а поврат на инвестицијата се очекува за 10-12 години.