По претходно испитување на нејзината состојба, таа е безбедно подигната и од пиротехничарот од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Битола, Ѓорги Стефанов, е отстранета и пренесена безбедно до соодветен магацин за НУС
Пронајдена и безбедно е отстранета артилериска граната од Првата светска војна на брегот на Преспанското Езеро во Ресенско, информираат денеска од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

„Вчера во 18:50 часот од крај брегот на Преспанското езеро на плажата ‘Сливница‘во Општина Ресен, од страна на ДЗС е интервенирано за отстранување неексплодирано убојно средство (НУС) од минатите војни, а по пријава на 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК). Конкретно пронајдена е артилериска граната од 65 мм од Првата светска војна“,
се вели во соопштението на Дирекцијата.
Оттаму посочија дека се работи за граната што била истрелана и поминала низ топовска цевка, што се препознава по нејзиниот ребрест прстен.

Но, поради непознати причини после истрелувањето не ја завршила целта, односно не експлодирала.
„Таа е ризична за поместување, а нејзината запалка е опасна, бидејќи при удар е можно да дојде до нејзино активирање. По претходно внимателно испитување на нејзината состојба, таа е безбедно подигната, и од пиротехничарот од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Битола, Ѓорги Стефанов, е отстранета и пренесена безбедно до соодветен магацин за НУС“,
пишуваат од ДЗС.
Апелираат до граѓаните, во случај да пронајдат неексплодирани убојни средства да не ги фаќаат и поместуваат, туку да се јават на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, по што надлежните институции и служби ќе се погрижат безбедно да бидат отстранети или неутрализирани.