Како што соопшти Генералштабот на Армијата, повреденото лице при падот во провалија се здобило со скршеница на едната рака, нога и колк, имало обилно крвавење и било во критична состојба
Екипа на Армијата на Република Северна Македонија вчера попладне со хеликоптер на воздухопловниот ВИНГ извршила идна медицинска евакуација на лице што паднало во провалија во близина на Ливадичко Езеро на Шар Планина.

Интервенцијата на Армијата била побарана од Центарот за управување со кризи (ЦУК) поради сериозноста на повредите и непристапниот терен.
Имено, како што соопшти Генералштабот на Армијата, повреденото лице при падот се здобило со скршеница на едната рака, нога и колк, имало обилно крвавење и било во критична состојба.
На местото интервенирал тим на парамедици, кои успешно го извлекле и имобилизирале повредениот, а по успешната евакуација го предале на екипа на итната медицинска помош.

„Армијата во координација со ЦУК и здравствените установи изврши успешна медицинска евакуација и го предаде повреденото лице на екипа од итната медицинска помош, по што истото беше транспортирано на понатамошен болнички третман. Армијата на Република Северна Македонија, заедно со останатите институции во државата продолжува да дејствува во интерес на граѓаните, обезбедувајќи навремена и професионална поддршка“,
се наведува во соопштението од Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, пренесе МИА.
