На 34-годишната Конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, во својот говор премиерот Христијан Мицкоски рече дека како партија не смеат да го разочараат народот кој во нив гледал надеж за промени

Победата на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ е сосема извесна, а има шанси СДСМ да остане и без една освоена општина, порача премиерот Христијан Мицкоски на 34-годишната Конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Велес.
Тој рече дека за него тоа би значело потврда на огромната поддршка од народот, но тоа со себе носи и огромна одговорност што пак значи дека ќе има отчетност за да не се заборават вредностите кои тие како партија ги ветиле на народот.
„Обврската која ја добивме од граѓаните пред се значи одговорност, која не се гледа само во начинот на кој се води политиката, туку и според начинот на кој се однесуваме во секојдневието“,
рече Мицкоски.
Тој рече и дека граѓаните не смеат да имаат некаков сомнеж во нивните намери за чесно и одговорно работење, но и оти не смеат да го разочараат народот кој во нив гледа надеж за промени и враќање на сонот за Македонија која има иднина. Затоа ќе посветат внимание слушајќи го народот за нивните потреби.
Тој им порача на функционерите од ВМРО-ДПМНЕ дека има добри примери, но дека има и неколку примери кои можат и мора да работат посилно.
„Не смееме да го разгочараме народот кој во нас гледа надеж за промени и враќање на сонот за Македонија која има иднина. Не смее ниту во еден момент да се заборави на народот, мора да останате сервис и на услуга на народот постојано, и само така ќе бидете гордост и на базата партијата, и на сите кои трчале, макотрпно работеле да бидеме она што сме сега, убедливо најголемата политичка сила во Македонија, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Мицкоски.