Ристески изрази надеж дека со проширеното синдикално претставништво, атмосферата за преговори ќе биде поинаква и конечно ќе се донесе минимална плата која ќе ги задоволува потребите на работниците

Претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), Марјан Ристески, очекува брзо донесување на законските измени за репрезентативност на синдикатите и да заседава Економско-социјалниот совет.
Според Ристески, застојот во овој процес е голем, а е од клучно значење синдикатите и работодавачите самостојно да се договорат за висината на минималната плата, избегнувајќи ја практиката во Србија, каде владата е таа што одлучува.
Како што појасни Ристески по потпишувањето на Меѓународниот договор за деловна соработка со Самостојниот синдикат за занаетчиство, услуги и претприемништво од Република Србија, по предлог на КСОМ и дел од пратениците, во Собранието е поднесен предлог-закон по скратена постапка со кој прагот за репрезентативност на синдикатите ќе се намали од 10 на 5 проценти.
„На тој начин повеќе синдикати ќе се вклучат. Овој потег што го направи Владата е добар и чекаме овие измени да поминат во Собрание. Се надевам тоа ќе се случи оваа недела и тогаш ќе се види уште кои синдикати се репрезентативни“,
изјави Ристески.
Тој потенцира дека присуството на повеќе синдикати во Економско-социјалниот совет ќе го подобри социјалниот дијалог и ќе биде во корист на работниците.
„Видовте до кој степен нè доведе праксата еден синдикат – 30 години. Еден синдикат подлежи и на политички притисок, а има корист и потесното раководство“,
додаде тој.
Ристески изрази надеж дека со проширеното синдикално претставништво, атмосферата за преговори ќе биде поинаква и конечно ќе се донесе минимална плата која ќе ги задоволува потребите на работниците.
Тој истакна дека КСОМ ќе настапи со аргументи и факти за минималната плата и апелираше до Владата за побрзо донесување на новиот Закон за работни односи за да се регулира особено делот на времени вработувања од пет години.
„Апелираме и до Владата да изврши малку поголем притисок до работодавачите за побрзо да го донесеме Законот за работни односи, работникот да си добие постојан работен однос и тука да ја гледа својата иднина“,
нагласи Ристески.
Синиша Костиќ, претставник на Самостојниот синдикат за занаетчиство, услуги и претприемништво од Република Србија, сподели дека во Србија минималната плата во моментов изнесува 55 500 динари (околу 480 евра).
Тој појасни дека иако за неа би требало да преговараат Владата, Унијата на работодавачи и синдикатите, во последно време стана пракса Владата да ја одредува минималната плата кога нема договор меѓу Унијата на работодавачи и синдикатите.