Тислер повика на национален напор за одредување и претворање на тунелите, метро станиците, подземните гаражи, паркинзите и подрумите на јавните згради во заштитни засолништа за „брзо да се создаде простор за еден милион луѓе“

Германија изготвува планови за брзо проширување на својата мрежа од бункери и засолништа отпорни на бомби, изјави највисокиот владин службеник за цивилна заштита, предупредувајќи дека државата треба да биде подготвена за напад од Русија во следните четири години, пишува „Гардијан“.
Ралф Тислер, раководител на Федералната канцеларија за цивилна заштита и помош при катастрофи (ББК), рече дека најголемата економија во Европа треба да се освести за реалноста на конфликтот и дека во сегашната состојба Германија е несоодветно подготвена.
„Долго време, во Германија постоеше широко распространето верување дека војната не е сценарио за кое треба да се подготвиме. Тоа се промени. Загрижени сме за ризикот од голема агресивна војна во Европа“,
изјави тој за медиумот „Зидојче цајтунг“.
Тислер повика на национален напор за одредување и претворање на тунелите, метро станиците, подземните гаражи, паркинзите и подрумите на јавните згради во заштитни засолништа за „брзо да се создаде простор за еден милион луѓе“. Тој рече дека неговата агенција во наредните месеци ќе презентира сеопфатен план.
Тој додаде дека земјата е во трка со времето и дека потпирањето на изградба на нови бункерски објекти е недоволно. За ваквите засолништа е потребно долго време за планирање и изградба и би биле многу скапи, рече Тислер. Како резултат на тоа, тој вели дека постојните структури треба подетално да се разгледаат.
Во написот се додава дека од околу 2 000 бункери во Германија и заштитни соби останати од Студената војна, само околу 580 се во работна состојба и на повеќето им се потребни мултимилионски обнови. Тие би засолниле околу 480 000 луѓе, само половина процент од германското население. За споредба, ББК соопшти дека Финска има 50 000 заштитни соби, што претставува простор за 4,8 милиони луѓе, или 85 отсто од нејзиното население.
Тислер рече дека треба да се вложат напори и во дотерување на информациските системи, како што се апликациите и сообраќајните знаци, за да се сподели со јавноста точно каде можат да бараат засолниште, како и надградба на сирените за предупредување. Постојните апликации за предупредување, исто така, треба подобро да се заштитат од хакери, рече тој.
Тој ја повика владата на Фридрих Мерц да обезбеди финансирање за спроведување на плановите на неговата агенција. Владата се согласи дека плановите се неопходни, но сè уште формално не ги одобри средствата.