Од владејачката партија велат дека Вице и Зоран Заев, како и актуелниот лидер на СДСМ се директните виновници што струјата поскапела за педесет отсто во времето кога тие биле на власт
Во време на ковид пандемија и енергетска криза, Зоран Заев и Венко Филипче се богателе врз грбот на граѓаните кои плаќаа драстично повисоки сметки за струја преку шема на фирми со кои препродавале јаглен на ЕСМ три пати поскапо и профитирале – велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат и дека Венко Филипче трет ден молчи за испумпувањето на десетици милиони евра од ЕСМ од страна на Вице Заев и фирми кои водат лично до него и оти „кланот“ Заеви заедно со Филипче се директните виновници што струјата во нивно време се покачи за над 50%.
„Зоран Заев, Вице Заев и Венко Филипче, за да можат да се богатат врз грбот на граѓаните креирале мрежа на фирми и посредници за ископ, транспорт и продажба на јаглен од Грција на ЕСМ. Грчкиот јаглен горел во Македонија а профитот завршил кај Вице Заев во Бугарија. Јагленот кој од Грција се продавал кон мрежата на фирми за 30 евра бил препродаван во Македонија на ЕСМ по цена и до 82.5 евра“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ваквите обвинувања доаѓаат по истражувањето на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), каде меѓудругото беше наведено дека некои фирми добро профитирале од кризната состојба во енергетскиот сектор што во 2022 година ја прогласи тогашната Влада. Ова значеше повеќе буџетски пари за државните компании за производство и транспорт на енергенси, како Електрани на Северна Македонија и Македонскиот електропреносен систем-оператор (МЕПСО).
Според истражувањето на ИРЛ, за оваа намена ЕСМ од 2022 до денес склучила договори со 11 фирми за набавка на околу 4,6 милиони тони јаглен, за што нетранспаретно биле потрошени 283 милиони евра. Од нив девет милиони евра во бугарска фирма на братот на експремиерот и поранешен лидер на СДСМ, Зоран Заев.
Според бројката, парите од бизнисот завршиле кај мал број фирми, а онаа на Вице Заев влегла од втор план.