Претседателот на опозицискиот СДСМ побара од бугарските власти да направат вистински европски чекор доколку навистина сакаат нивниот сосед да биде дел од Европската Унија

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната маалска средба со граѓани во Прилеп, порача дека Бугарија треба јасно и недвосмислено да се изјасни дека нема да поставува непринципиелни барања на патот на Македонија кон Европската Унија.
„Време е бугарската страна да направи вистински европски чекор. Ако навистина сакаат нивниот сосед да биде дел од ЕУ, нека покажат европско однесување. Ако постои страв од можни блокади врз основа на идентитетот, јазикот или други непринципиелни услови, нека излезат и јасно кажат дека такво нешто нема да се случи. Тоа би била вистинска добрососедска политика, а не притисоци врз помалите и послабите“,
рече Филипче.
Дополнително, тој рече и оти СДСМ активно работи и лобира преку своите сестрински партии во европското семејство на ПЕС за добивање поддршка за извештајот за напредокот на земјава откако претходно премиерот Мицкоски побара од СДСМ и ЛДП да лобираат кај своите пријатели во сестринските партии.
Филипче рече и дека токму благодарение на храбрите и државнички политики на владите на СДСМ, македонскиот јазик денес е официјално признат во ЕУ.
„Нашиот идентитет и јазикот се потврдени. Првпат е потпишан договор со Европската Унија – договорот со Фронтекс – исклучиво на македонски јазик, без ѕвездички, без фусноти. Тоа е патриотизам,“
изјави претседателот на СДСМ.