Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации, Фолкер Тирк, ги повика САД да ги укинат санкциите против четворица судии. Рече дека е длабоко загрижен од, како што ги нарече, нападите врз судиите, додавајќи дека нивното санкционирање е во спротивност со основните правни принципи и вредностите што САД ги застапуваат
Eвропската Унија силно го поддржува Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг, изјави денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе санкции врз четворица судии од МКС.

Кошта порача дека Судот е камен-темелник на меѓународната правда и дека неговата независност и интегритет мора да бидат заштитени. Изјавата на претседателот на Европскиот совет доаѓа еден ден откако САД воведоа санкции за четворица судии на МКС поради, како што наведоа, политизирање и злоупотреба на моќта на судот.
Покрај ЕУ, во врска со одлуката на Вашингтон реагираше и високиот комесар за човекови права на Обединетите нации, Фолкер Тирк, кој ги повика САД да ги укинат санкциите против четворица судии. Рече дека е длабоко загрижен од, како што ги нарече, нападите врз судиите, додавајќи дека нивното санкционирање е во спротивност со основните правни принципи и вредностите што САД ги застапуваат.
„Таквите напади сериозно го поткопуваат доброто владеење и владеењето на правото“,
наведе Тирк и апелираше санкциите веднаш да се преиспитаат и укинат.
Четворицата судии против кои САД поведоа санкции се поврзани со истрагата за наводни воени злосторства на американски војници во Авганистан, како и за одобрението за издавање налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана на Израел, Јоав Галант.
„Како судии на Меѓународниот кривичен суд, овие четири лица активно се вклучија во нелегитимните и неосновани дејствија на Судот насочени кон Америка или нашиот близок сојузник, Израел. Меѓународниот кривичен суд е политизиран и лажно тврди дека има неограничено дискреционо право да истражува, обвинува и гони државјани на Соединетите Американски Држави и нашите сојузници“,
рече државниот секретар на САД, Марко Рубио.
Судот го критикуваше потегот на САД, велејќи дека тоа е обид да се поткопа независноста на меѓународната судска институција која им дава надеж и правда на милиони жртви на злосторства.