Петрушевски го повика Јавното обвинителство да дејствува за „аферата ‘Провизии кои чинат животи’ да не остане заташкана“

ФОТО: ВМРО-ДПМНЕ
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска го повика Јавното обвинителство „да не се осмелува да го штити Венко Филипче“ и итно да отвори истрага против него во врска со пожарот во Модуларната болница во Тетово.
Петрушевски вели оти пет дена презентираат сознанија добиени од „свиркачи“, кои, според него, ги поседува и Јавното обвинителство, а кои ја откриваат „аферата ‘Провизии кои чинат животи’“.
Тој, на денешната прес-конференција од пред Јавното обвинителство, изнесе неколку обвинувања против поранешниот министер за здравство, Венко Филипче.
„Филипче дозволил изградба на модуларни болници без употреба на огноотпорни материјали. Лично ја правел спецификацијата за изградба на Модуларната болница во Тетово, која надвор од закон и правила ја доставил до одговорната за набавката, а за ова постои и сведоштво од одговорното лице“,
рече Петрушевски.
Тој додаде дека директорот на болницата во Тетово одбивал да ја прими Модуларната болница и да ја пушти во работа.
Според Петрушевски, еден ден по трагедијата во Кочани, Филипче побрзал да го анексира договорот за градба со цел да се отстранат аномалиите кои самиот ги дозволил.
„Анексот кој експресно го спремил е зголемување за 20 отсто на цената на чинење на проектот. Сомнително е како Филипче ден по несреќата наместо да мисли за одговорност мислел како да извлече 20 отсто повеќе“,
додаде Петрушевски.
Тој додаде и дека по заминувањето на Венко Филипче од функцијата, вработени во Министерството за здравство одбивале да ги потпишат документите за, како што ги нарече ВМРО-ДПМНЕ, „штетните договори и анекси“.
Петрушевски го повика Јавното обвинителство да дејствува за „аферата ‘Провизии кои чинат животи’ да не остане заташкана“.