За разлика од ставот на Уставниот суд од каде вчера реагираа дека институтот интерпелација во ниеден случај не се однесува и не може да се примени на уставните судии, од кабинетот на претседателот на Собранието велат дека пратениците имаат уставно загарантирано право да покренат интерпелација за работата на секој носител на јавна функција, а тоа како што се посочува, јасно утврдено во членот 47 од Деловникот на Собранието и членот 72 од Уставот
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе ја стави на дневен ред иницијативата за интерпелација на претседателот на Врховниот суд, Драко Костадиновски, што завчера ја поднесе коалицијата „Европски фронт“ предводена од опозициската ДУИ, доколку таа е во согланост Уставот, законите и Деловникот за работа на парламентот.

Од Уставниот суд по прес-конференцијата на пратеникот на ДУИ Илир Хасани излегоа со соопштение во кои беше наведено дека Уставот не предвидува никаква можност за разрешување на уставен судија ниту од страна на законодавната, ниту од извршната власт. Дополнително од Уставен велат дека институтот интерпелација во ниеден случај не се однесува и не може да се примени на уставните судии бидејќи во спротивно се губи смислата на Уставниот суд и се прави тешка повреда на Уставот.
Од друга страна, од кабинетот на Гаши денеска велат дека пратениците имаат уставно загарантирано право да покренат интерпелација за работата на секој носител на јавна функција, а тоа како што се посочува во соопштението, е јасно утврдено во членот 47 од Деловникот на Собранието и членот 72 од Уставот.
„Овие одредби не се предмет на слободно толкување , туку нивна примена“, велат од кабинетот на претседателот на законодавниот дом.
Оттаму додаваат дека секоја иницијатива поднесена од пратениците и која е во согласност со Уставот, Деловникот и законите, ќе биде процесуирана согласно демократските стандарди.
„Претседателот на Собранието останува посветен на принципиелно и законито раководење, засновано врз уставниот поредок, институционалната непристрасност и доследно почитување на процедурите. Секоја иницијатива поднесена од страна на пратениците, доколку е во согласност со Уставот и Деловникот и законите, ќе биде процесирана со целосно почитување на законите и демократските стандарди. Обезбедувањето на легалитетот и заштитата на институционалниот интегритет на Собранието не претставуваат само обврска, туку и темелен принцип на визијата на Претседателот за одговорно владеење“, се вели во соопштението од кабинетот на Гаши.
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска соопштија дека нема да ја поддржат интерпелацијата на Костадиновски бидејќи како што велат иницијативата е неиздржана.
Според СДСМ, претседателот на Уставниот суд не го избира Собранието, туку уставните судии.
„Покрај ова, сметаме дека таа може да се искористи исклучиво за дневнополитички цели од страна на оние кои ја иницираат“, се наведува во партиското соопштение.

Опозициската коалиција „Европски фронт“ предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ) завчера (3 јуни) во Собранието поднесе иницијатива за интерпелација на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
Според пратеникот на ДУИ, Костадиновски свесно ги прекршил Законот за употреба на јазиците и членот 101 од, како што рече, законот за Уставниот суд, меѓутоа овде Хасани најверојатно мислеше на членот 101 од Актот на Уставниот суд на РСМ бидејќи Закон за Уставен суд не постои во правниот поредок на државата.
Образложувајќи ги причините за интерпелацијата, пратеникот на ДУИ рече дека претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, покажал аверзија кон Законот за употреба на јазиците, кршејќи ги неговите одредби, како и дека го прекршил Актот на Уставниот суд и го користел терминот „малцинство“ во комуникацијата со Венецијанската комисија, со што го прекршил и Уставот.
Прашан кој е ефектот што го очекуваат од интерпелацијата, имајќи предвид дека немаат 61 пратеник, Хасани рече дека тоа е истиот ефект од интерепелациите кои поминале со повеќе од 61 глас, алудирајќи на гласањето доверба за петтемина членови на Судскиот совет.
Од Уставниот суд одговорија дека секоја преземена постапка или дејствие надвор од уставната одредба која ги предвидува основите за престанок на функцијата уставен судија би претставувало грубо кршење на Уставот, повреда на уставните гаранции за самостојноста и независноста на Уставниот суд.
Инаку, на 19 јуни требаше да се одржи подготвителна седница по предметот во врска со Законот за употреба на јазиците, но е одложена откако Управниот суд ја поништи одлуката на Собранието за изборот на Елизабета Дуковска за уставна судијка.ќе ја стави