По неколкугодишни правни перипетии, новинарите на Истражувачката репортерска лабораторија ИРЛ стигнале до договорите што државните електрани ги склучувале со приватни фирми за набавка на јаглен за производство на струја во екот на енергетската криза. Дел од парите завршиле кај компании во директна врска со врвот на претходната власт. Погледнете го видеото
Меѓу барокните инсталации во строгиот центар на Скопје ‘очи боде’ една руинирана фасада – на зградата на Електрани на Северна Македонија. Но, она што е далеку од очите на јавноста се милионските договори што ова акционерско друштво во државна сопственост ги склучувало за набавка на јаглен за производство на електрична енергија во екот на енергетската криза. Новинарите Маја Јовановска и Александар Јанев од Истражувачката репортерска лабораторија три и пол години се вртеле во круг обидувајќи се да откријат колку народни пари од државните електрани завршиле кај приватни фирми и кај кои.
„Поведовме една институционална битка со жалби со Агенцијата за слободен пристап, меѓутоа ЕСМ одбиваше да ни ги достави. Се случи и еден преседан, државна компанија, ЕСМ, позади нас, да ја тужи државната Агенција за слободен пристап на Управен суд и изгуби, меѓутоа не ни ги достави информациите. Пред неколку месеци, на почетокот на оваа година повторно ги побаравме договорите за период од три години, од 2022 до 2025, користејќи го Законот за слободен пристап и ни беа доставени. Веднаш штом почнавме да навлегуваме во деталите, кој стои зад овие компании, колкави се сумите, сфативме дека државата одлучила нетранспарентно да потроши 283 милиони евра за набавка на 4,6 милиони тони јаглен, тогаш, за време на енергетската криза“,
вели Јовановска.

Во детали, парите завршиле кај 11 различни компании, без тендери, што е легално, оти се работи за набавки на енергија. Јагленот доаѓал главно од Грција и Албанија, додека помали количини било договорено да се увезат од Бугарија и Косово. Цените варирале од 45 евра до 70 евра за тон јаглен.
„Ова беше донекаде очекувано заради тоа што, во екот на енергетска криза, во тие неколку години самата цена на јагленот варираше на светските берзи, меѓутоа, подоцна сфативме дека освен договорените цени, всушност на крај ЕСМ платила многу повисоки цени од тоа, така што, фирмите, дел од компаниите, доставиле помала количина но покалоричен јаглен, за истата сума што била договорена во договорите и на тој начин, просечната цена по тон скокнала, до 88,5 евра“,
вели Јанев.

Меѓу добавувачите е и скопската фирма „Зобек мининг груп“ за испорака на јаглен од Грција по првично договорена цена од 70 евра. Сопственик е македонскиот државјанин Енис Колашинац. Фирмата никогаш претходно не била во фокусот на јавноста, а првите насоки за ИРЛ дошле од различни места.
Едно е видеото на кое се гледаат експремиерот Зоран Заев, придружуван од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, како и сопственикот на „Зобек мининг груп“ – Енис Колашинац, како се забавуваат во Дубаи. Претходно, ИРЛ обезбедува фотографија од возило марка „ауди“ кое Филипче го возел во предизборната кампања, а било земено на лизинг токму од „Зобек мининг груп“. Кон крајот на 2024, „Зобек“ почнува да се споменува во истрагата за тендери од Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони. Јовановска од ИРЛ вели дека индициите воделе кон некаква поврзаност помеѓу „Зобек мининг груп“ и семејството Заеви. За да откријат детали, со Енис Колашинац се сретнале двапати.
„На првата средба Колашинац дојде со една поинаква верзија за настаните, зошто имало толкава висока цена во договорот со АД ЕСМ, меѓутоа веќе на втората средба едноставно мораше да признае дека постоела фирма посредник која била од Бугарија. Инсистиравме да ни ја каже, иако се сомневавме за која фирма станува збор – или на братучедот, или на братот на премиерот, а можеби и на лидерот на СДСМ и ни кажа дека тоа е фирмата ‘Гомасидра’ во сопственост на Вице Заев“,
вели Јовановска.
„Зобек мининг груп“ увезла покалоричен јаглен, па првично договорената цена од 70 евра, скокнала.
„Кај Колашинац оваа цена достигнала до 82,5 евра, од коишто речиси половина завршиле кај фирмата ‘Гомасидра’ на Вице Заев. Е, сега, објаснувањето беше дека, прво Енис Колашинац ни кажа дека за секое евро што било исплатено кон Гомасидра на Вице Заев, тој имал обврски, инсистираше на тој член 4 од нивниот договор, каде што е наведено дека, меѓу другото, Гомасидра правела ископ, товарење, калибрирање, десулфуризација, отпрашување на јагленост, со цел да се постигне подобар квалитет. Нејасно беше, односно малку контрадиктирно, тоа што во договорот меѓу Колашинац, фирмата Зобек Мајнинг и грчкиот рудник, односно концесионерот на рудникот, беше наведено дека рудникот се обрврзува сам да направи товарење и да го спреми јагленот за товарење и да ги покрие сите тие трошоци – нешто што беше наведено исто така и во договорот со ‘Гомасидра’“,
појаснува Јанев.
Вице Заев за ИРЛ соопштил дека на неговата фирма и биле исплатени 37 евра по тон јаглен, што за 240 000 тони значи вкупно девет милиони евра за „Гомасидра“.
Интересно е што фирмата во Бугарија е регистрирана на 1 јуни 2017, само еден ден откако неговиот брат Зоран Заев, ја презеде премиерската функција. Вице Заев бил отворен во комуникацијата со новинарите на ИРЛ, како за цените на јагленот, така и за прашањето за искуството на неговата фирма.
„Во деловната активност со енергетските ресурси ‘Гомасидра’ има искуство со јагленот во Грција, Романија и Бугарија. Бизнис-ориентацијата на ‘Гомасидра’ се ЕУ и пошироко. Во Македонија, сè уште не сме имале таков предизвик“,
им кажал Вице Заев на новинарите од ИРЛ.
„Гомасидра“ во Петрич е регистрирана на иста адреса со повеќе фирми на Заеви, а таму е седиштето и на компанијата „Пауер ај 8“ на Филипче.
„Не видовме директна инволвираност на Филипче со Колашинац во договорите со јаглен, ниту пак на Зоран Заев. Директна инволвираност има само Вице Заев со неговата фирма посредник од Бугарија“,
додава Јовановска.
Освен што од грчкиот јаглен што горел во Македонија, парите исчадиле кај Вице Заев во Бугарија, истражувањето на ИРЛ покажа и нешто друго – дека повеќето од фирмите што склучиле договори за набавка на јаглен влегле во бизнисот без претходно искуство односно биле наменски формирани. Дел од нив, како на пример „Промет стеел холдинг“ на Абедин Алиу од Сарај, не само што не сакале да говорат за цените и условите, туку и оцениле дека новинарите „глупаво прашуваат“.
РЕК Битола има годишна потребна од три милиони тони јаглен, од кој само дел може да го ископа во сопствените рудници. Според склучените договори, истите фирми продолжуваат да ја снабдуваат државната компанија ЕСМ со јаглен и годинава, а директорот Лазо Узунчев за ИРЛ изјавил дека набавките од странство ќе продолжат најмалку и во следните две години.
„Сметаме дека е многу важно јавноста да ги знае деталите од договорите, односно како се трошат народните пари, за да може на тој начин да имаме увид и да извршиме притисок, државата да ја добие најдобрата вредност за потрошените пари“,
вели Јанев.
Каде се завршувале народни пари, освен новинарите, се заинтересирало и Јавното обвинителство, кое постапува по ревизорски извештаи и други сознанија за набавките на јаглен. Договорите од ЕСМ ги барале и МВР и Финансиската полиција.
Целото истражување на ИРЛ може да го прочитате овде.