Спротивно на оптимизмот на власта, мнозинството Бугари, според анкетите на јавното мислење, се против заменувањето на левот со еврото. Така, од почетокот на годината противниците на воведувањето на заедничката европска валута во Бугарија започнаа протести и бараат референдум за ова прашање. Скептицизмот кон еврото е поизразен меѓу повозрасните граѓани на Бугарија
Бугарските власти очекуваат утре Европската комисија да објави т.н. извештај за конвергенција, во кој ќе биде содржана процена за тоа дали Бугарија ги задоволува условите за да биде примена во еврозоната од 1 јануари 2026 година.
Свое гледиште за тоа дали Бугарија е подготвена да биде дел од еврозоната треба да изнесе и Европската централна банка (ЕЦБ).
Сепак, од пресудно значење ќе биде мислењето на Комисијата.

Влезот во еврозоната подразбира дека бугарскиот лев ќе биде заменет со еврото како национална валута во Бугарија.
Според бугарскиот премиер Росен Жељазков, Европската комисија ќе даде позитивна оцена за влезот на Бугарија во Еврозоната.
Но, спротивно на оптимизмот на власта, мнозинството Бугари, според анкетите на јавното мислење, се против заменувањето на левот со еврото. Така, од почетокот на годината противниците на воведувањето на заедничката европска валута во Бугарија започнаа протести и бараат референдум за ова прашање. Скептицизмот кон еврото е поизразен меѓу повозрасните граѓани на Бугарија. Стравуваат дека тоа ќе предизвика пораст на цените и губење на контролата врз монетарната политика на државата.
Сепак, главни промотори на ваквите ставови се бугарските националистички партии.
Според Договорот за Европската Унија, секоја нова земја членка при приемот се обврзува да го прифати еврото, но нема утврден временски рок за тоа.
Бугарија стана членка на ЕУ на 1 јануари 2007 година, а на 10 јули 2020 година се приклучи кон механизмот ЕРМ 2, кој колоквијално се нарекува „чекална за Еврозоната“, од кога курсот на бугарскиот лев е врзан за еврото.
Со влегувањето во еврозоната, бугарскиот гувернер ќе добие формално место во Управниот совет на ЕЦБ. Сепак, поради малата големина на бугарската економија – помалку од 1 отсто од вкупниот БДП на еврозоната – нејзиното влијание ќе биде ограничено.
Доколку се приклучи кон еврозоната, Бугарија ќе стане нејзина 21. земја членка.
Покрај Бугарија, членки на рврозоната меѓу државите од ЕУ не се и Данска, Полска, Романија, Унгарија, Чешка и Шведска.