Право да легитимира има само полицијата, поради што во четвртокот е испратено писмо до Комисијата за заразни болести, уште еднаш да се разгледа ваквиот услов што им е наметнат на угостителите, соопшти денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.
Од одговорот зависи дали е можно да има промена во оваа точка од протоколот за работа на рестораните и кафулињата.
-Минатата недела, во четвртокот, испратив писмо до Комисијата за да се разгледаат одлуките од протоколите, посебно точките осум и девет кои се однесуваат на легитимирањето на посетителите во угостителските објекти. Министерството за економија смета дека право за легитмирање има само полицијата и никој друг. Го чекам одговорот од Комисијата. Кога ќе го добиеме и кога ќе знаеме дали може да има промени, ова прашање ќе го отвориме на владина седница каде ќе донесеме и соодветна одлука“,
рече Бектеши.
Пред неколку дена и директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски најави дека ќе има промени во протоколот за работа на угостителските објекти бидејќи се неприменливи. Тој меѓудругото ја наведе и оваа одредба.
Но Пауновски исто така најави дека има казни за оние угостители каде нема да се применуваат основните мерки за заштита, особено отоако на првиот ден од отворањето на објектите, инспекторите се соочиле со ситуации каде гостите биле качени на маса, се прегрнувале, а притоа од кафеаните не биле почитувани мерките за лична заштита и физичко растојание.
