Нападот се случува еден ден пред најавените руско-украински преговори кои треба да се одржат утре, на 2 јуни во Истанбул

Под кодно име „Пајажина“, Украина денеска изврши голем, прецизно планиран напад кој бил подготвуван повеќе од 18 месеци, пишува „Гардијан“.
Нападот се случува еден ден пред најавените руско-украински преговори кои треба да се одржат утре, на 2 јуни во Истанбул.
Според украински воени извори, „Пајажина“ била внимателно документирана и проследена со видеоснимки.
Наводно, со помош на квадрикоптери скриени во дрвени објекти налик на бараки, шверцувани и монтирани до самите руски воздухопловни бази, биле погодени повеќе од 40 воени авиони на четири различни локации во Сибир.
Меѓу уништените цели се наоѓале и стратешки бомбардери „ту-95“ и „ту-22“, кои Русија ги користела за лансирање крстосувачки ракети кон украинска територија.
Операцијата ја спровела украинската служба СБУ. Беспилотните летала биле внесени во Русија, сокриени под покривите на дрвените објекти со вградени механизми за подигнување или монтирани на камиони. На терен, покривите биле дигнати со далечинска команда, овозможувајќи дроновите да полетаат директно до целите.