Владејачката партија го обвини поранешниот претседател дека додека бил на претседателската функција ги одмолчел сите антидржавнички политики, неправди и скандали на власта на СДСМ и ДУИ. Додаваат дека за разлика од Пендаровски, актуелната власт е подготвена за реформски процеси, а не за капитулација
Наместо да се соочи со катастрофалните последици од своето неработење, Пендаровски се обидува да дели лекции за државност, интеграции и политика – реагираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ откако поранешниот претседател Стево Пендаровски во интервју за „Дојче веле“ ги критикуваше политиките на актуелната власт.

Владејачката партија го обвини Пендаровски дека додека бил на претседателската функција ги одмолчел сите антидржавнички политики, неправди и скандали на власта на СДСМ и ДУИ.
„Пендаровски очигледно чувствува празен политички простор и се турка себеси како нов лидер на опозицијата. Наместо да се повлече и да се засрами за бламот што ѝ го нанесе на државата за време на неговиот мандат, тој, кој тогаш молчеше и одобруваше сè што ја донесе Македонија до работ на национален пораз, денес се јавува како гласноговорник на ‘загрижените’, Ако денес, според него, нешто не е добро, тогаш нека одговори зошто молчеше кога беше претседател? Дали тогаш сè беше во ред само затоа што фотелјата беше удобна, уцените јасни, а личните интереси пред сè? Зошто тогаш беше тивок како француска собарка пред важен гостин?’,
велат од ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција.
Оттаму додаваат дека за разлика од поранешниот претседател, актуелната власт е подготвена за реформски процеси, а не за капитулација. Велат оти земјава нема да чека нови уцени за да стане полноправна членка на Европската Унија и дека нема да тргува со историјата, идентитетот и достоинството.
За ставот на Пендаровски дека земјава гравитира кон недемократски држави, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека неговата критика е или злонамерна или резулат на нецелосна информираност со оглед на тоа што, како што велат, власта склучи стратешко партнерство со Велика Британија и има редовни средби со највисоки претставници на САД, како последната од пред два дена со државниот секретар Марко Рубио.
Во однос на изјавата на поранешниот претседател дека со Обединетото Кралство не е склучен стратешки договор, туку меморандум за соработка, владејачката партија му порача:
„Пендаровски ‘не видел стратегиски договор со Британија’, човекот кој на Борисов му рече ‘Кај си бе, љубави, те поздрави Зоки’, човекот кој правеше пазар со ДУИ базиран на сервилност и непринципиелност само за да остане претседател. И тоа молчејќи додека тие партии, СДСМ и ДУИ, ја крадеа и уништуваа државата. Ако не видел ништо, подобро и да не гледа. Македонија не му должи ништо, а од него памети само што значи да имаш претседател без ниту еден принцип.“