Министерката за образование и наука изрази уверување дека училишните раководства, тестаторите и набљудувачите нема да ги дозволат сценаријата од минатите години, кога цели групи ученици препишуваа, имаа идентични одговори и есеи
Министерката за образование и наука Весна Јаневска очекува резултатите од полагањето на годинашната државна матура да бидат пообјективни од ланските. Рече дека регулативата е затегната и изрази уверување дека училишните раководства, тестаторите и набљудувачите нема да ги дозволат сценаријата од минатите години, кога цели групи ученици препишуваа, имаа идентични одговори и есеи.

Јаневска ја даде изјавата за време на посетата на Земјоделскиот факултет во Скопје во чии простории средношколците од СУГС „Марија Кири Склодовска“ денеска го полагаат првиот матурски испит.
„Потсетувам дека регулативата е затегната, особено за оние за кои ќе биде утврдено дека прогледуваат низ прсти, нема да видат мобилен телефон во училницата, нема да забележат ливчиња, внесени учебници и така натаму. Верувам никој не сака негативни последици“,
рече Јаневска во изјава за медиумите.
На матурантите им порача да не се обидуваат да го надмудруваат системот и да се служат со препишување.
„Материјалот го поминале и само требало да го повторат. Од нив очекувам да не користат никакви иновативни методи за да дојдат до точните одговори затоа што тие влегуваат во ризик да изгубат цела година. Фатен препишувач, си го стопира времето за цела една година, да не може да полага и да ја добие дипломата од која му зависи понатамошна едукација или вработување“,
додаде министерката.
Над 15 000 матуранти во земјава денеска полагаат мајчин јазик и литература – првиот од двата екстерни испита од државната матура кој е задолжителен за сите матуранти.