„Чест ми е да ги зголемам царините за челик и алуминиум од 25 на 50 отсто. Ќе почнат да се применуваат в среда, на 4 јуни“, објави американскиот претседател
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера најави дека ќе ги зголеми царините за увоз на челик и алуминиум на 50 отсто откако во февруари годинава ги зголеми нивните увозни давачки на 25 проценти.

„Ќе воведеме ново зголемување од 25 проценти. Ќе ги зголемиме царините за увоз на челик од 25 на 50 проценти, што дополнително ќе ја обезбеди челичната индустрија во Соединетите Американски Држави“,
рече Трамп од вчерашниот митинг во Пенсилванија.
Подоцна, во објава на својата социјална мрежа Трут соушл, американскиот претседател рече дека зголемените царини ќе важат и за увоз на алуминиумски производи.
„Чест ми е да ги зголемам царините за челик и алуминиум од 25 на 50 отсто. Ќе почнат да се применуваат в среда, 4 јуни. Нашите индустрии за челик и алуминиум се враќаат како никогаш досега“,
напиша Трамп во објава на Трут соушл.
Царините би се однесувале на милиони тони увоз на челик и алуминиум од Канада, Бразил, Мексико, Јужна Кореја и други земји, кои досега влегуваа во САД без царина. Америка е најголемиот увозник на челик во светот, со исклучок на Европската Унија, со вкупно 26,2 милиони тони увезен челик во 2024 година.