Македонски јазик ќе полагаат 9 969 ученици, 4 339 ќе полагаат албански јазик, 292 ученици се пријавени за полагање турски јазик и 10 ученици за српски јазик
Над 15 000 матуранти денеска полагаат мајчин јазик и литература – првиот од двата екстерни испита од државната матура кој е задолжителен за сите матуранти.

Од вкупно пријавените 15 004 кандидати, според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), 8 816 ученици се од средните стручни училишта, 5 966 од гимназиите и 222 од училиштата за уметничко образование.
Македонски јазик ќе полагаат 9 969 ученици, 4 339 ќе полагаат албански јазик, 292 ученици се пријавени за полагање турски јазик и 10 ученици за српски јазик.
За надгледување на испитниот процес, ДИЦ и оваа година ангажира околу 2 000 тестатори.
Во пресрет на денешното полагање на првиот предмет од државната матура, министерката за образование и наука Весна Јаневска им порача на учениците кон испитите да пристапат како кон составен дел на нивното образование и да не се служат со препишување како метод за полагање на матурата.
„Им порачувам и да не се борат со системот, да не бидат премногу иновативни изнаоѓајќи разни начини да се снајдат при полагањето на државната матура. Поконкретно кажано, ги замолувам одредени групи, групации и поединци да не го користат препишувањето како метод за полагање на државната матура. Затоа што тоа не е ниту во нивна корист, ниту во корист на нивните родители, ниту во корист на државата“,
апелираше Јаневска.
До тестаторите упати порака да ја спроведат работата сериозно и во корист на учениците и државата.
Вториот екстерен испит од државната матура, кој е изборен за учениците, ќе се полага на 11 јуни.