Инаку, денеска попладне во Белград се одржа нов протест, на кој студентите порачаа дека вонредните парламентарни избори во Србија треба да се распишат што е можно поскоро
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека во земјата ќе се одржат предвремени избори кога ќе завршат подготовките за ЕКСПО 2027 и кога ќе бидат спремни за оваа меѓународна изложба, пренесе „Н1“.

Тој ова го кажал за време на посетата на седиштето на локалната управа на селото Јелашница. Одговарајќи на новинарско прашање како одговара на обвинувањата дека е „кукавица“ и дека „не смее да оди на избори“, српскиот претседател изјавил дека кога ја водите земјата, не смеете да одговарате врз основа на лична суета, туку врз основа на потребите на народот.
„Мора да се подготвиме за ЕКСПО. Кога ќе ги завршиме подготовките за ЕКСПО, ќе распишеме предвремени избори, и се плашам дека многу грешеа, а кога мислев дека шансите се изедначени, веќе не се. Ќе ги победиме убедливо, дури и тогаш“,
рекол српскиот претседател.
Инаку, денеска попладне во Белград се одржа нов протест, на кој студентите порачаа дека вонредните парламентарни избори во Србија треба да се распишат што е можно поскоро.
Протестот, како што пренесе регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), траел околу еден час, а него се собрале неколку илјади луѓе.
Студентите, кои протестираат повеќе од половина година, бараат кривична и политичка одговорност за несреќата во Нови Сад, каде што 16 лица загинаа при падот на натстрешницата.
На почетокот на мај тие излегоа со барање за свикување вонредна собраниска седница бидејќи, како што велат, поради длабоко вкоренетата корупција во земјата, институциите не се во можност слободно да работат по нивните барања.
„Колку животи мора да бидат загрозени или изгубени за да се стави крај на корупцијата?“,
гласеше пораката од протестот во Белград.
Студентка кој говореше на протестот рече дека на 1 ноември лани не паднала само натстрешницата на железничката станица во Нови Сад, туку дека таа со себе го повлекла и системот на земјата кој под товарот на корупцијата се урнал врз граѓаните на кои треба да им служи.
Инаку, протестот започна пред поранешната железничка станица во Белград, каде што студентите оставија траги од црвени тупаници.
Тие поминаа и покрај зградата на Вишото јавно обвинителство за да ги потсетат вработените дека треба да си ја работат својата работа.
Како и секогаш за време на протестите, и овој пат студентите и граѓаните кои ги поддржуваат им оддадоа почит на жртвите од падот на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 16 мај изјави дека изборите ќе се одржат кога надлежните институции ќе донесат одлука за тоа.