Арсовска на пријавницата во Управата за финансиска полиција го побара заменик-директорот на оваа институција, Илбер Имери, кој е кадар на коалицијата ВЛЕН, за да одат, како што вели во видеото, во Општина Чаир, кај градоначалникот Висар Ганиу да ги побараат документите за дивоградбите за кои деновиве обвинува таа, наместо да ја заплашува и да врши притисок врз раководителката на Секторот за уредување и планирање на Град Скопје
Вработени во Управата за финасиска полиција денеска наутро отишле во домот на раководителката на Секторот за уредување и планирање на Град Скопје, Ивана Бајкова-Шаља, и ја повикале да дојде во Управата во врска со одреден предмет од пред неколку години.

За случајот информира градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку ново видео што попладнево го објави на социјалната мрежа Фејсбук. Според Арсовска, Финансиската полиција експресно отишла во домот на Бајкова-Шаља за да ѝ врши притисок, откако таа вчера говорела за дивоградбите во општина Чаир, твдејќи дека голем дел од нив се небезбедни и опасни по животот на жителите на општината.
Арсовска на пријавницата во Управата за финансиска полиција го побара заменик-директорот на оваа институција, Илбер Имери, кој е кадар на коалицијата ВЛЕН, за да одат, како што вели во видеото, во Општина Чаир, кај градоначалникот Висар Ганиу, да ги побараат документите за дивоградбите за кои деновиве обвинува скопската градоначалничка.
„Сега ќе влеземе тука да го видиме тој Илбер Имери, да го прашаме како за 30 секунди успеа да ја најде Ивана. Службено се доаѓа во Град Скопје, ќе дојдете вие кај нас и кај нас ќе побарате информации и податоци што ви требаат и ќе повикате некого со покана доколку сакате да ви даде некаква информација. А по дома да им одите на жените, тоа е веќе ниско, прениско за целото ваше ВЛЕН, затоа што сите бегате. Висар бега за три минути кога ќе слушне дека доаѓам, ама кај жените од уредување од кај нас, по дома да им одите наутро… Да бевте толку ревносни за други предмети што се пријавуваат, не знам што ќе беше. Десет дена зборуваме за Висар и за Изет. Досега требаше да им влезете и да им отидете дома и да ги барате од него документите“,
вели Арсовска во видеото.
Нетрпеливоста меѓу скопската градоначалничка Данела Арсовска и чаирскиот градоначалник Висар Ганиу, кој е кадар на владејачката ВЛЕН, почна да се развива откако Арсовска минатата недела изврши обиколка на неколку локации низ Чаир каде што се извршуваат градежни активности, за кои обвини дека се дивоградби.
Пред три дена, таа излезе со снимка од зграда во Чаир за која тврди дека е дивоградба и за која, иако изградена неодамна, бил направен обид за легализација како да е од 2011 година, до кога беше законскиот рок за легализирање дивоградби. Таа обвини и дека по соопштувањето на информацијата од општина Чаир отишле во Агенцијата за катастар за недвижности за да бараат повлекување на документите, за кои Арсовска тврди дека се фалсификувани.
„Требаше во општина (Чаир) да отидете и да барате кај им се фалсификатите. Вие 10 дена им дозволувате да ги уништат сите докази со коишто располагаат, да ги уништата сите докази коишто им се доставени до Катастар, да поднесат барање за бришење во Катастар за да можат понатаму да ги уништуваат и останатите докази, а вчера откако ја објавив Ивана, сте ѝ отишле дома на врата за да ја заплашувате и да ѝ правите притисок. Со ова докажувате прво дека не постои правна држава, второ дека правда не само што вие нема да донесете, туку никогаш неа никогаш нема да ја има во оваа држава. Ќе ѝ одите на Ивана дома наутро, ќе ѝ влегувате на жената дома за да ви посведочи за некој предмет од пред не знам колку години таму, за да сте го разгледувале. Никој не ви се плаши, прочитани сте и нема проблем, ние сè ќе ви дадеме на увид, целата документација на Град Скопје ќе ја добиете на увид, сè што има, кај нас нема од што да се плаши било кој“,
рече Арсовска.
Таа побара од вработениот на пријавницата во Управата за финансиска полиција да го пивика заменик-директорот Илбер Имери, но по кратко време и беше кажано дека тој е на одмор.
„Го чекаме заменикот да дојде, а заменикот си отишол на одмор. Од одмор ли пушташ Финансиска полиција да оди кај Ивана дома. Да претпоставиме дека додека си на одмор кај Висар дома нема да одиш, но кај Ивана ќе одиш. Висар Ганиу тебе не ти е предмет на интерес, ама Ивана ти е. Вчера затоа што Ивана кажа дека половина од тие зградите ви се небезбедни, можат да се запалат, можат да се срушат, дека се градени без никакви дозволи, без никакви сертификати, без никаква статика сега ти е крива, а кај Висар Ганиу не одиш за да обезбедиш докази за фалсификатите“,
рече Арсовска.
Скопската градоначалнилчка изминатите две недели објавува видеа на својот фесјбук-профил за дивоградби во општина Чаир и го обвинува градоначалникот Ганиу дека незаконски, со фалсификувани документи се обидува да легализира зграда.
Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје во вторникот информираа дека веќе постапуваат во врска со сомненијата за дивоградби во скопски Чаир.
Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, вчера на прес-конференција рече дека не е коректно во Чаир да се лоцираат сите дивоградби кога, како што кажа, пет или шест општини во Скопје имаат поголем број дивоизградени објекти во однос на општината со која раководи.
Додаде оти ако постојат некакви нерегуларности, должни да постапат се институциите, а не скопската градоначалничка, која, како што рече Ганиу, деновиве влегува во улога на истражен орган. Демантира дека објекти се градат на државно земјиште, како што обвинува Арсовска.