„Изразив благодарност за постојаната поддршка од страна на Унгарија со уверување дека стратешкото партнерство ќе продолжи да се развива со уште поголема динамика“, напиша премиерот на Фејсбук, информирајќи за средбата
Премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи информираше дека имал средба со својот унгарски колега, Виктор Орбан во Будимпешта. Во фокусот, како што напиша тој на Фејсбук, биле одличната билатерална соработка помеѓу двете земји, како и можностите за нејзино натамошно продлабочување.

„Унгарија е наш искрен пријател, силен поддржувач на македонската европска интеграција и важен стратешки партнер“,
вели Мицкоски во објавата.
Во разговорот, македонскиот премиер нагласил дека Македонија останува цврсто посветена на својот европски пат, на остварувањето на европската перспектива и на зачувувањето на стабилноста во регионот.
„Изразив благодарност за постојаната поддршка од страна на Унгарија со уверување дека стратешкото партнерство ќе продолжи да се развива со уште поголема динамика“,
додава тој.
Премиерот Мицкоски денеска во Будимпешта присуствува на ЦПАЦ конференција (The Conservative Political Action Conference) која се смета за најголем и највлијателен собир на конзервативните партии во светот, а во попладнево имаше и свое обраќање на настанот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан вчера на отворањето на конференцијата го поздрави премиерот Христијан Мицкоски нарекувајќи го херој и чувар на тврдината, информираа на Фејсбук од ВМРО-ДПМНЕ, споделувајќи видео од говорот на Орбан.
„Нашиот македонски херој Христијан Мицкоски победи на изборите, иако цел Брисел го поддржуваше неговиот противник. Тој е чуварот на тврдината која ја штити европската јужна граница од миграцијата. Да живее Македонија!“,
изјави премиерот Орбан на отворањето на големата конференција на европски и американски конзервативци во унгарската престолнина.