Барањата на независните, како што посочија, се однесуваат на правната празнина која настана откако Уставниот суд минатата недела ги оцени за неуставни членовите од Изборниот законик со кои лани се зголемија квотите на граѓански потписи кои требаше да ги соберат независните кандидати и листи за учество на изборите
Претставници на седум независни граѓански иницијативи денеска од пред парламентот побараа да се донесат итни измени во Изборниот законик со кој на независните кандидатски листи ќе им се овозможи учество на изборите со собирање на 50-ина потписи. Велат дека минималниот праг од 50 потписи како услов за кандидатура на независна листа е по европски тренд и стандард со кој се отвора, а не се затвора слободата во кандидирањето.

Барањата на независните граѓански иницијативи, како што посочија, се однесуваат на правната празнина која настана откако Уставниот суд минатата недела ги оцени за неуставни членовите од Изборниот законик со кои лани се зголемија квотите на граѓански потписи кои требаше да ги соберат независните кандидати и листи.
„Тоа што веднаш пред парламентарните избори се подигна прагот на толку високо ниво, на праг што оневозможува учество, покажува дека имаат некаков страв од независните. Она што кај нас е карактеристично е што политичките партии тешко постигнуваат консензус за некакви политички и државни прашања, а за оневозможување на учество на независните брзо успеаја да го постигнат тој чекор и таа измена беше направена со заеднички барања од неколку политички партии“,
порачаа претставниците од независните иницијативи.
Една од причините поради која бараат независна листа да може да се поднесе со 50-ина граѓански потписи е за да може да се овозможи учество на независните и во помалите општини бидејќи, како што велат, единствената канцеларија на ДИК во помали, рурални општини, не е секогаш пристапна за сите жители.
Освен намалување на прагот на потребни потписи, граѓанските иницијативи бараат вклученост во работната група за носењето на законските измени, пристап до медиумскиот простор, почитување на независните листи и кандидати, како и увид во избирачкиот список од страна на ДИК.
Побараа законските измени да се донесат во најбрз рок, бидејќи изборите ќе бидат распишани во јули.
Барањата се на граѓанските иницијативи „Зелен хуман град“, „Шанса за центар“, „Независни за Карпош“, „Поинаку“, „Зелените“, „Подобро за Тетово“ и „Стига“. Порачаа дека како независни, секогаш се сплотени и дејствуваат заедно.