Во однос на изборот на кандидати, Филипче порача дека ќе го поддржи секое решение што ќе дојде од базата
Нов кодекс на однесување за општинските советници и нивна ротација на две години ќе предложи лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Тој синоќа на состанок со Општинската организација на СДСМ Аеродром најави и конкретни внатрепартиски промени во начинот на избор на кандидати за градоначалници и советници на следните локални избори.

„Ќе предложам советниците да ротираат, односно да имаат мандат од две години, а потоа следните од листата да влезат во советот. Така ќе им дадеме шанса на двојно повеќе наши другари и другарки да бидат советници во рамки на четиригодишниот мандат. Тоа е фер и дава можност за поголема вклученост“,
изјави Филипче.
Тој најави и нов кодекс на однесување којшто ќе мора да го потпишат сите советници.
„Дел од досегашните советници не си ја вршеа добро работата, дел соработуваа со градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ ама само за лични интереси. Тоа повеќе нема да се дозволи. Ќе има санкции за прекршување на кодексот“.
рече лидерот на СДСМ.
Во однос на изборот на кандидати, Филипче порача дека ќе го поддржи секое решение што ќе дојде од базата.
„Вие во општинските организации најдобро знаете кој има капацитети и доверба кај граѓаните. Не сакам да наметнувам, туку да слушам“,
порача Филипче.