Со оглед на тоа што премиерот го оценил како позитивно и значајно влијанието на ЛДП, партијата на Моника Зајкова ќе бара итна средба за, како што наведува, да разберат каква е моменталната состојба и како тие можат да помогнат во овој процес
Либерално-демократската партија (ЛДП) денеска соопшти дека ќе иницира итна средба со премиерот Христијан Мицкоски и неговиот тим за меѓународна соработка, со цел да се информира какви сѐ напори се вложени и која е Стратегијата на Владата во последните месеци во однос на евроинтеграциите.

Во партиското соопштение пишува дека премиерот бил во право денеска кога во Собранието во одговор на пратеничко прашање, посочил дека ЛДП е една од ретките партии во земјата и во Собраниетo што е целосно интегрирана во европското и меѓународното политичко семејство и може да помогне во процесот.
Со оглед на тоа што премиерот го оценил како позитивно и значајно влијанието на ЛДП, партијата на Моника Зајкова ќе бара итна средба за, како што наведува, да разберат каква е моменталната состојба и како тие можат да помогнат во овој процес.
„Наша должност е како македонски граѓани и политичари во Македонија да бидеме во служба на народот и во интерес на граѓаните. Тие интереси се силни и праведни државни институции на земјата кои се одговорни и отчетни, просперитет и напредок што водат кон европски економски стандарди, како и еднаквост меѓу европските нации со статус на полноправни членки на Европската Унија“,
се вели во партиското соопштение.
Оттаму додаваат и дека ќе продолжат уште посилно да работат и лобираат врз основа на информациите што ќе ги дадат премиерот и неговиот тим, како и врз основа на ресурсите кои сообразно ќе бидат ставени на располагање.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска од собраниската говорница ги повика Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и ЛДП, споменувајќи ја директно лидерката Моника Зајкова, да помогнат во лобирањето за извештајот на Европскиот парламент.