По случајот со тендерот за униформи за специјалните единици на МВР, од „Текстилен кластер“ реагираат дека нивните членки, кои се висококвалитетни и европски признаени производители, губат тендер во Македонија од фирма која никогаш не сошила јакна и фирма со странска сопственост регистрирана еден месец пред објавување на тендерот

Во однос на последните случувања со тендерот за изработка на опрема за специјалната полиција, со реакција се јавија од „Текстилен кластер“, најголемото здружение во текстилниот сектор во кое членуваат водечките компании од секторот. Оттаму посочуваат дека нивните членки, кои се висококвалитетни и европски признаени производители, губат тендер во Македонија од фирма која никогаш не сошила јакна и фирма со странска сопственост регистрирана еден месец пред објавување на тендерот.
„Индустријата е извозно ориентирана, но во одреден дел присутна и на домашниот пазар. Истата располага со голема експертиза и капацитети опремени со модерна технологија за да ги задоволи специфичните барања на странските купувачи. Еден голем дел од оваа индустрија, покрај модниот програм којшто е во опаѓање, произведува работна и заштитна облека за цела Европа. Нашите членки произведуваат за германската железница и полиција, за пожарникарни служби во Скандинавија, заштитна опрема за Австрија и Швајцарија и други земји во Европа и ги исполнуваат сите барани меѓународни стандарди, како во однос на квалитет, така и во однос на социјалните стандарди. За жал, овие висококвалитетни и европски признаени производители губат тендер во Македонија од фирма која никогаш не сошила јакна и фирма со странска сопственост регистрирана еден месец пред објавување на тендерот“,
се наведува во реакцијата на „Текстилен кластер“.
Оттаму предлагаат, со цел да се избегнат неправилности и неквалитет во изборот на изведувачи, секоја тендерска постапка во државата која се однесува на изработка на униформи, да биде изготвена во консултација со „Текстилен кластер“, кој располага со висока експертиза кај своите членки во однос на утврдување на потребните спецификации за квалитетот на опремата која се набавува.
„Досегашните практики покажуваат дека критериумите на тендерските постапки се формулираат на начин што овозможува учество на несоодветни субјекти – дизајнерски студија, маркетинг-компании или странски компании кои немаат ниту искуство, ниту производствени ресурси за изработка на квалитетна и технички сложена работна облека. Ваквата практика има далекусежни последици: се уништува довербата во системот на јавни набавки, се поткопува домашната индустрија која вработува илјадници лица и која во моментот се соочува со криза од недостаток на работни налози, а воедно се доведува во прашање и квалитетот на опремата која ја носат службениците на терен. Ова не е само економско прашање, туку и прашање на безбедност. Доколку полицаец носи униформа направена од несоодветни материјали и неквалитетна изработка, тоа директно го загрозува неговиот живот,“
предупредуваат експерти од текстилната индустрија.
Од Здружението додаваат дека македонските производители на работна и заштитна облека, со докажано искуство, сертифициран квалитет и извезувачка активност во земјите на ЕУ, редовно учествуваат на најреномираниот европски саем за индустриска и заштитна облека – А+А во Дизелдорф во организација на „Текстилен кластер“, а поддржани од македонската Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и и швајцарската агенција за промоција на извозот СИППО.
„Овие компании ги исполнуваат највисоките стандарди за квалитет како и задолжителните социјални стандарди и со гордост го претставуваат македонското производство надвор од државата. Но, и покрај тоа што поседуваат сопствени производствени капацитети и испорачуваат квалитет според европски стандарди, не успеваат да добијат тендери за опремување на полицијата и другите државни институции во сопствената земја, а тендерите завршуваат во рацете на компании без никаква експертиза во оваа област. Производителите бараат поголема транспарентност, вклучување на професионални организации како што е текстиниот кластер, при изработка на тендерската документација и воведување јасни критериуми засновани на технички и безбедносни стандарди“,
децидни се од „Текстилен кластер“.
Оттаму нагласуваат дека трендот на дискриминација кон домашните производители, кои вработуваат илјадници лица и носат значаен девизен прилив од извоз, претставува сериозна закана за одржливоста на текстилната индустрија.
Од „Текстилен кластер“ ги повикуваат институциите да спроведуваат јавни набавки со јасни, прецизни и објективни критериуми кои ќе ги гарантираат квалитетот и безбедноста на опремата, да воведат задолжително учество на релевантни секторски здруженија, како што е текстилниот кластер, при изработка на тендерската документација, да обезбедат транспарентност во постапките за доделување и реализација на договорите, да преземат мерки против фирми кои нудат неконкурентни и несоодветни производи, само поради најниска цена или формален дизајн и да приоритет да им бидат домашните производствени капацитети, особено оние со меѓународна верификација и извозен учинок.
„Веруваме дека со заеднички ангажман можеме да обезбедиме фер и достоинствен третман за македонските компании кои заслужуваат да работат и на домашниот пазар“,
посочуваат од текстилниот кластер кој е формиран во 2003 година и во моментот брои над 70 членки.
Случајот со тендерот за униформи за специјалните единици што го доби женско модно студио од Битола со двајца вработени и фирма формирана 20 дена пред распишувањето на тендерот го објави „360 степени“, по што следуваа реакции од СДСМ и од Левица.