Украина засега сè уште официјално не даде согласност за предложената средба
Наместо да ја чека новата рунда преговори следната недела, Русија треба веднаш да го претстави својот мировен план за ставање крај на војната во Украина – порачаа украинските власти откако Москва вчера предложи нова, втора рунда директни разговори со Киев која би се одржала на 2 јуни во Истанбул.

„Не сме против понатамошни средби со Русите, но го чекаме нивниот меморандум. Имаат уште најмалку четири дена да ни го достави документот на разгледување. Дипломатијата мора да биде суштинска, а следниот состанок мора да даде резултати“,
рече украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров, кој ја предводеше украинската делегација во Истанбул.
И министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, исто така, рече дека Русија треба веднаш да го презентира својот меморандум.
„Зошто да чекаме до понеделник? Ако Русите конечно го составиле меморандумот по 10 дена размислување можат веднаш да ни го предадат“,
рече тој.
Украина засега сè уште официјално не даде согласност за предложената средба.
Претходно вчера, официјална Москва навести дека сака да го искористи претстојниот состанок во Истанбул за да презентира меморандум во кој ќе ги наведе своите услови за мирно решавање на конфликтот.
Рундата преговори меѓу Москва и Киев на 16 мај не донесе никаков напредок, но беше проследена со голема размена на затвореници, а двете страни се согласија да работат на соодветни мировни предлози.