„Доколку фирмите, како што велите, не се способни, не знаат, немаат капацитет да произведат таков тип опрема, нормално дека договорот ќе биде раскинат и нема да има трошење јавни пари. Но, ние не можеме сега да го раскинеме тој договор пред да докажеме дека тие не се способни, затоа што ќе имаме одговорност и ќе треба да плаќаме пенали. Значи, прво треба да видиме дали се тие капацитативни или не се капацитаивни и многу скоро јавноста тоа ќе го увиди“, кажа премиерот одговарајќи на прашање за капацитетот на избраните фирми на тендерот
Целокупната тендерска документација ќе ја ставиме на увид на јавноста. Ова денеска го рече премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за случајот со тендерот за униформи за специјалните единици на Министерството за внатрешни работи (МВР), што го доби женско модно студио од Битола со двајца вработени и фирма формирана 20 дена пред неговото распишување.

Посочи дека станува збор за рамковна спогодба и јавна набавка од отворен карактер, којашто е буквално без какви било ограничувања, што значи дека секој што бил заинтересиран можел да се јави на тој јавен повик и можел да даде понуда.
„Ова е рамковна спогодба и доколку се испорачаат и се користат таков тип на опреми, тогаш ќе има финансиска обврска Министерството за внатрешни работи да ги плати. Доколку не се испорачаат и не се изработат таков тип униформи, тогаш МВР нема никаква обврска ниту, пак, обврска да плати кон фирмата којашто е добитник“,
кажа премиерот.
Додаде дека не знае дали овие фирми имаат или немаат капацитет бидејќи тие се јавиле на тендерот, дале банкарска гаранција и ги исполниле критериумите.
„Да видиме, доколку немаат (капацитет), се разбира дека договорот ќе биде раскинат. Доколку имаат претпоставувам дека ќе продолжи со негово реализирање. Не би правел естрада од сето тоа додека не се докаже спротивното. Сепак, станува збор за униформи што ќе ги користат припадниците на МВР, секако ако ги користат. Ќе видиме во следните денови“,
рече тој.
На дополнително прашање дали смета оти за овој случај постои отворен сомнеж за корупциски скандал, рече дека ги повикува надлежните во Обвинителство, судството, а на министерот за внатрешни работи му порача да ги викне и невладините организации и да ги стави на јавен увид тендерските документации.
„Но, во исто време да ги стави на јавен увид и тендерските документации од минатото. Па, да се видиме како се купувале униформи, обувки и други вид на опрема за полицијата. Ги повикувам медиумите будно да ја следат целата оваа операција, оти ниту еден од нас нема никаква намера да остави каков било сомнеж дека некаде постои некакво основано сомнение за злоупотреба на јавни финансии“,
кажа тој.
На прашањето зошто токму тие две фирми се избрани на тендерот, иако немаат капацитет, рече дека се обвинува априори, без да се изнесат докази.
„Доколку фирмите, како што велите не се способни, не знаат, немаат капацитет да произведат таков тип на опрема, нормално дека договорот ќе биде раскинат и нема да има трошење на јавни пари. Но, ние не можеме сега да го раскинеме тој договор пред да докажеме дека тие не се способни, затоа што ќе имаме одговорност и ќе треба да плаќаме пенали. Значи, прво треба да видиме дали се тие капацитативни или не се капацитативни и многу скоро денеска јавноста тоа ќе го увиди“,
вели тој.
Според него, ништо не се крие од јавноста, како и дека целокупната тендерска документација ќе ѝ ја стават на увид на јавноста.
„Ги повикувам сите медиуми да дојдат, го повикувам и Обвинителството да влезе и да истражи дали има и еден фенинг незаконско трошење и еден фенинг недомаќинско трошење. Ако е така, еве јас не сум дел од Министерството за внатрешни работи, подготвен сум да сносам одговорност. Но, ако не е така, оставете државата да си ја врши работата“,
кажа Мицкоски.
Сепак, додаде очекува Обвинителството да се занимава и со тендерите во минатото.
„Ако има и таму основано сомнение за сторен криминал, тие не се застарени, па дури и по овој нов закон којшто на шверцерски начин се помина во парламентот со злоупотреба на европско знаме. И да поентирам, ние за жал имаме компании коишто произведуваат гаќи, а се надзор на големи инфраструктурни проекти во државава“,
кажа тој.
Опозицискиот СДСМ денеска достави документи до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и побара антикорупционерите да постапат во врска со случајот со тендерската постапка за униформи за специјалните единици на Министерството за внатрешни работи.
Во меѓувреме, од ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение повторија дека тендерската постапка за набавка на униформи за специјалните единици во МВР е спроведена согласно сите законски прописи.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски завчера одговарајќи на обвинувањата на опозицијата за случајот со тендерот за полициски униформи рече дека го охрабрува Јавното обвинителство да отвори постапка не само за овој, туку за секој предмет за кој има какви било индиции за сомнежи во делот на незаконитост.
Посочи дека МВР презело сè што треба да се преземе, побарало да биде исполнет соодветен квалитет од страна на фирмите во делот на униформите. Како што појасни, одредени услови што се побарани во рамки на тендерската документација, а се поврзани со квалитетот на униформите, се исполнети од страна на фирмите.
Досега, како што рече, не е нарачана ниту една униформа и не е склучена ниту една договорна нарачка и додаде дека ова е рамковна спогодба која е склучена и треба да се остави за да се види како ќе се одвива овој процес.
Случајот со тендерот за униформи за специјалните единици што го доби женско модно студио од Битола со двајца вработени и фирма формирана 20 дена пред распишувањето на тендерот го објави „360 степени“, по што следуваа реакции од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и од Левица.