На 2 март Израел ги затвори сите премини кон Газа за испорака на храна, лекови и хуманитарна помош, дополнително влошувајќи ја веќе тешката хуманитарна криза. Многумина, вклучувајќи деца, починаа од неухранетост, а властите во Газа веќе прогласија состојба на глад
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера негираше дека жителите на Појасот Газа гладуваат и дека Израел спроведува политика на гладување, и покрај меѓународните проценки дека територијата е на работ на тотален глад.

Говорејќи на прес-конференција, Нетанјаху рече дека израелската војска фотографирала илјадници палестински затвореници од Газа, тврдејќи дека ниту еден од нив не изгледал изгладнет.
„Илјадници и илјадници затвореници ги соблекуваат своите маици и не гледате ниту еден, ниту еден да гладува, од почетокот на војната до денес“,
рече Нетанјаху.
Тој, исто така, тврдеше дека од почетокот на војната Израел одлучил на луѓето од Газа да им ги доставува основните потреби: храна, вода и лекови.
Сепак, премиерот не понуди докази во поддршка на неговите тврдења кои се во директна спротивност со предупредувањата од Обединетите нации и други меѓународни тела дека жителите на Газа страдаат од сериозен недостиг на храна и акутен глад.
Неговите изјави, исто така, потврдуваат дека израелската армија уапсила илјадници луѓе од Газа.
На 2 март, Израел ги затвори сите премини кон Газа за испорака на храна, лекови и хуманитарна помош, дополнително влошувајќи ја веќе тешката хуманитарна криза. Многумина, вклучувајќи деца, починаа од неухранетост, а властите во Газа веќе прогласија состојба на глад.
Заобиколувајќи ги ОН и другите меѓународни хуманитарни организации, Хуманитарната фондација за Газа (ГХФ) поддржана од САД започна со работа во понеделник. Нејзиното вклучување во системот за помош под израелска контрола предизвика загриженост кај многубројни хуманитарни организации, кои предупредуваат дека за вистински ефект е потребна постојана и широка испорака на помош.
Најмалку тројца Палестинци беа убиени денеска, а 46 други беа ранети кога израелските сили отворија оган врз толпа луѓе што се движеа кон центар за помош на ГХФ, соопшти канцеларијата за медиуми на владата во Газа.
Израелската војска, продолжувајќи да ги отфрла меѓународните повици за прекин на огнот, спроведува брутална офанзива врз Газа од октомври 2023 година, при што загинаа повеќе од 54 000 Палестинци, претежно жени и деца.
Меѓународниот кривичен суд, во ноември минатата година издаде налози за апсење за Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со обвинение за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за злосторства против цивилите во енклавата.