Средбата се случува во време кога Мерц се обидува да ги промовира европските напори за започнување на понатамошни мировни преговори на техничко ниво меѓу Украина и Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска се очекува да пристигне во Берлин на средба со новиот германски канцелар Фридрих Мерц, пренесува „Шпигел“.

Средбата се случува во време кога Мерц се обидува да ги промовира европските напори за почнување понатамошни мировни преговори на техничко ниво меѓу Украина и Русија.
Според „Шпигел“, Мерц планира директно со Зеленски да разговара за потенцијалните чекори кон олеснување на таквите преговори. Тој, исто така, ќе го информира украинскиот лидер за плановите за нов пакет санкции на Европската Унија насочен кон Русија, со цел зголемувањето на притисокот врз Москва да се вклучи во сериозен дијалог.
Пред мировните преговори на 16 мај во Истанбул, Мерц го предупреди Кремљ за нови санкции доколку рускиот претседател Владимир Путин продолжи да го попречува напредокот. Истанбулските разговори завршија по помалку од два часа, без договор за прекин на огнот.
Единствениот значаен исход беше договор за размена на 1 000 воени заробеници од двете страни.
Инаку, посетата на Зеленски на Германија сè уште не е официјално потврдена ниту од Киев ниту од Берлин.
Патувањата на Зеленски често не се соопштуваат однапред поради безбедносни причини.
Ова се смета за прва посета на Зеленски на Берлин откако Мерц ја презеде функцијата. Украинскиот претседател последен пат го посети Берлин во октомври 2024 година.
Мерц го посети Киев на почетокот на мај, заедно со британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и полскиот премиер Доналд Туск.