Минатата недела Трамп откри повеќе детали за неговиот проект од 175 милијарди долари велејќи дека ќе биде оперативен пред крајот на неговиот мандат во 2029 година и дека ќе биде способен да пресретнува беспилотни летала и ракети од каде било во светот, па дури и од вселената

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека Канада би можела да се приклучи на планираниот американски противвоздушен штит, познат како „Златна купола“, или со плаќање 61 милијарда долари или со приклучување кон САД.
„Ѝ кажав на Канада, која многу сака да биде дел од нашиот фантастичен систем ‘Златна купола’, дека тоа ќе ги чини 61 милијарда долари ако останат посебна, но нееднаква нација, но ќе ги чини нула долари ако станат наша сакана 51. држава. Тие размислуваат за понудата!“,
напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут соушал.

Неговите коментари дојдоа кратко откако канадскиот премиер Марк Карни изјави за Си-би-си дека сака да потпише голема европска одбранбена иницијатива до 1 јули и да стане дел од европскиот план за вооружување „Риарм Јуроп“ (ReArm Europe), потег насочен кон намалување на зависноста на земјата од САД за оружје и муниција.
Карни постојано ги отфрла предлозите на Трамп Канада да стане 51. земја на САД. На неодамнешната средба со Трамп во Овалната соба, тој рече дека Канада не е на продажба.
Минатата недела, Трамп откри повеќе детали за неговиот проект од 175 милијарди долари, велејќи дека ќе биде оперативен пред крајот на неговиот мандат во 2029 година и дека ќе биде способен да пресретнува беспилотни летала и ракети од каде било во светот, па дури и од вселената.
Трамп ја започна иницијативата „Златна купола“ кратко по преземањето на функцијата во јануари. Системот ќе биде моделиран според израелската „Железна купола“, но приспособен на американските услови и интегриран со постојната одбранбена инфраструктура.