Со отпустот на последниот од тројцата хоспитализирани во солунската болница „Папаниколау“, на лекување во Грција остануваат уште две лица повредени во пожарот во Кочани. Тие се згрижени во болница во Атина и се очекува набрзо да бидат пуштени дома
Од болницата „Папаниколау“ во Солун вчера е отпуштена и последната пациентка која беше меѓу тројцата хоспитализирани во солунската болница по пожарот во Кочани на 16 март.

Оттаму денеска преку писмено соопштение информираа дека пациентите на возраст од 19, 25 и 26 години се отпуштени од болницата и дека е завршен тешкиот, но успешен циклус на хоспитализација на тројцата млади кои со сериозни изгореници првично беа хоспитализирани на Одделот за изгореници со поддршка од Одделот за интензивна нега, а потоа беа префрлени на Одделот за пластична хирургија и хирургија за раце.
„Текот на нивната здравствена состојба покажа стабилно подобрување, како резултат на колективниот напор и високата научна способност на медицинскиот персонал на инволвираните одделенија. Последниот отпуст беше издаден на 26 мај, во силна емоционална атмосфера, означувајќи го почетокот на нивното враќање во нормалноста. За персоналот во болницата, најголема награда беа насмевките на пациентите и нивните семејства. На тројцата млади и на нивните семејства од срце им посакуваме здравје, сила и оптимизам за иднината“,
соопштија од „Папаниколау“.
Управата на болницата изрази срдечна благодарност до медицинскиот персонал на посветеноста и хуманиот пристап, а до надлежните органи во земјава за соработката и довербата во грчкиот здравствен систем.
Со отпустот на последниот од тројцата хоспитализирани во солунската болница, на лекување во Грција остануваат уште две лица повредени во пожарот во Кочани. Тие се згрижени во болница во Атина и се очекува набрзо да бидат пуштени дома.