На прашањето дали е точно дека сопственичката на модното студио од Битола е блиска пријателка на неговата сопруга, министерот одговори дека не знае ниту кој е сопственикот ниту, пак, дека е блиска пријателка на неговата сопруга
Го охрабрувам Јавното обвинителство да отвори постапка не само за овој, туку за секој предмет за кој има какви било индиции за сомнежи во делот на незаконитост, рече денеска по посетата на Полициското одделение Жеровјане во Општина Брвеница, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одговарајќи на новинарски прашања за случајот со тендерот за униформи за специјалните единици што го доби женско модно студио од Битола со двајца вработени и фирма формирана 20 дена пред неговото распишување.

Истовремено ја охрабри и опозицијата да отвора теми што се од интерес за јавноста, но и посочи да работи во интерес на македонските граѓани, а не по која било цена да се обидува да го оцрни она што го работи Министерство за внатрешни работи (МВР).
„Знам дека се изненадени од сите оние акции што ги спроведовме изминатава година, знам дека се изненадени од тоа како Министерството за внатрешни работи дејствува во однос на борбата против организиран криминал и корупција. Сите останати органи ги повикувам да ги истражат сите оние постапки каде што ценат дека има одредени незаконитости во рамки на работењето, како во рамки на министерствата, така во рамки на општините и на сите правни лица коишто располагаат со буџетски средства“,
рече тој.
Посочи дека уште во текот на вчерашниот ден одговорил на сите детали што требало да ѝ се соопштат на јавноста за овој случај, а со кои и самиот е запознаен.
„Добар број од деталите што ги напоменавте јас сум запознаен од страна на медиумите, а не од претходно во рамки на работењето на Министерството за внатрешни работи. Министерството за внатрешни работи има свои сектори, оддели коишто работат, како што работат во рамки на сите останати министерства. Работата на министерот за внатрешни работи во рамките на неговата позиционираност како дел од Владата е јасна. Јас го преземам сето она што треба да го преземам, се грижам за спроведување и имплементирање на сите оние проекти коишто се од интерес за македонските граѓани и така ќе продолжам и во иднина. А она што треба да биде преземено како дејствие ве уверувам дека ќе биде преземено, како од страна на Министерството за внатрешни работи, така и од страна на сите други органи кои треба да си ја сработат работата“,
кажа Тошковски.
Посочи дека МВР презело сè што треба да се преземе, побарало да биде исполнет соодветен квалитет од страна на фирмите во делот на униформите. Како што појасни, одредени услови што се побарани во рамки на тендерската документација, а се поврзани со квалитетот на униформите, се исполнети од страна на фирмите. Досега, како што рече, не е нарачана ниту една униформа и не е склучена ниту една договорна нарачка и додаде дека ова е рамковна спогодба која е склучена и треба да се остави за да се види како ќе се одвива овој процес.
На прашањето дали е точно дека сопственичката на модното студио од Битола е блиска пријателка на неговата сопруга, одговори дека не знае ниту кој сопственикот ниту, пак, дека е блиска пријателка на неговата сопруга.
„Од прашањето што ми го поставувате народот многу добро ќе сфати дека ова е само една од хајките коишто се прават против мене. Не верувам дека во историјата на Македонија досега имало две интерпелации за три месеци против било кој политичар. Не верувам дека досега во историјата на Македонија се истражувани сите предмети што еден адвокат ги работел во неговата 14-годишна историја. Не верувам дека досега во историјата на Македонија се истражувани родителите, браќата, братучедите, сестрите, кумашните, комшиите на кој било друг политичар којшто вршел функција една година на одредена позиција. Претпоставувам дека знаете зошто? Затоа што на криминалците, на сите оние коишто со години ја крадеа оваа држава гледаат дека им се ближи крајот од аспект на преземање на дејствија од страна на Министерството за внатрешни работи, гледаат дека се бориме макотрпно, со сите сили, гледаат дека Министерството конечно покажува капацитет да одговори на предизвиците на коишто треба да одговори, а тоа е особено борбата против организираниот криминал и корупцијата“,
рече министерот.
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) и денеска побараа Обвинителството да поведе итна постапка од Јавното обвинителство, распит на сите вклучени во тендерот, испитување на можни кривични дела, како злоупотреба на службена положба, местење тендер и перење пари и поништување на целиот тендер.
Тошковски вели дека се водел по „квалитетот“ на понудата. Како тоа се дефинира квалитет кај фирма без искуство, капацитет и историја на работење? Или квалитетот се квалитетни врски и провизии за Тошковски и ДПМНЕ?“,
прашуваат од опозицијата.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ одговори на обвинувањата на опозицијата дека полека, но сигурно, се враќа достоинството на македонската полиција, а дека токму СДСМ се тие што ги оставија полицајците без униформи.
Пред неколку дена „360 степени“ објави дека модното студио „Ле Бранд дизајн“ од Битола, кое последниве години има приходи од околу 20 илјади евра на годишно ниво и просечно два до три вработени, го добило делот од договорот за униформа во шара чија вредност може да достигне 2,13 милиони евра. Фирмата „Памитекс тим“, формирана 20 дена пред да се распише тендерот и со сопствеништво од Србија, го добила делот од договорот за еднобојни униформи вреден 1,7 милиони евра.