Тестирањето ќе се одвива од 27 до 30 мај, секој ден од 15.00 до 18.00 часот, во Младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно
Во рамки на Европската пролетна недела на ХИВ тестирање, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација, ги повикува сите граѓани на бесплатно и доверливо тестирање за ХИВ и сексуално преносливи инфекции (СПИ). Тестирањето ќе се одвива од 27 до 30 мај, секојден од 15.00 до 18.00 часот, во Младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно.
„Денес ХИВ е контролирана здравствена состојба со достапната и ефективна терапија, важна е само навремената дијагноза. Доцната дијагноза е тивок ризик,нешто што можеш да се избегне со само еден мал чекор. Раното тестирање значи: навремена и ефективна терапија, квалитетен и долг живот, нула ризик за пренос на ХИВ (кога луѓето со ХИВ се на терапија и вирусот е недетектибилен, тогаш ХИВ не се пренесува преку сексуален пат),“
посочуваат од ХИВ.

Од ХЕРА додаваат и дека дополнително, граѓаните ќе може да се тестираат и за сифилис, гонореја и кламидија, со резултати готови за најмногу 30 минути. Тестирањето, како што велат, е анонимно, бесплатно и доверливо и се спроведува од обучени медицински лица и советувачи.
„Тестирањето се одвива во пријателскаи безбедна средина, каде освен здравствени услуги, граѓаните може да добијат и индивидуално советување за сексуално и репродуктивно здравје. Првиотчекор кон грижата за сопственото здравје започнува со информираност и навремено тестирање. Затоа, тестирај се! Твое право е да се чувствуваш здраво“,
додаваат од ХЕРА.
Термин за тестирање граѓаните можат да закажат со посета или јавување во Младинскиот Центар „Сакам да знам“ на Водно, на телефонскиот број 02/3176-950, како и онлјан.
Услугите се реализираат преку Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекцијата, поддржана од Министерството за здравство.
Европската недела на ХИВ тестирање е европска иницијатива со цел зголемување на пристапот до тестирање за ХИВ и СПИ и подигнување на свеста за важноста на раната дијагноза, особено кај лицата кои се изложени на зголемен ризик.