Мислам дека без здив останаа сите присутни екселенции од амбасадите, претставници на нашата дијаспора не само во Италија, туку и од други држави, порача Сиљановска-Давкова од концертот на Симон Трпчески во Рим
Концертот на пијанистот Симон Трпчески во Рим во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“ е уште една потврда за моќта на културната дипломатија, порача претседателката на државата Гордана Силјановка-Давкова. На свеченоста, како што пренесе МИА, покрај претседателката присуствуваа и министерот за култура Зоран Љутков заедно со свештениците, кои се дел од државно-црковната делегација во Италија.
„Без зборови сум, прво амбиентот на ‘Хорти Салустијани’ е прекрасен, а да не говорам за Симон Трпчески и неговата група. Се разбира дека покрај Чајковски и Григ, настапија и со ‘Македонисимо’. Мислам дека без здив останаа сите присутни екселенции од амбасадите, претставници на нашата дијаспора не само во Италија, туку и од други држави. А, јас повторно велам, верувам дека покрај традиционалната дипломатија, културната дипломатија е нашето најмоќно оружје“,
кажа Сиљановска-Давкова.

Во рамки на посетата на Рим по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители, таа вчера положи венец пред спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј која се наоѓа во базиликата „Санта Марија Маџоре“.
Сиљановска – Давкова и делегацијата го посетија и гробот на папата Франциск.
Македонската делегација во базиликата „Сан Клементе“ во Рим присуствуваше на молебен на гробот на Свети Кирил по повод чествувањето на 24 мај – Денот на сесловенските просветители, со кој чиноначалствуваа митрополитот Тетовско-Гостиварски господин Јосиф и епископот Стобиски, господин Јаков, во придружба на повеќе свештенослужители.
Претседателката Силјановска – Давкова утре во Ватикан ќе има аудиенцијата кај новиот папа Лав 14 и средба со кардиналот Пјетро Паролин.
Според програмата, предвидена е и средба со нејзиниот италијански колега Серџо Матарела.