Таравари кажа и дека исклучиле неколку членови кои јавно се изјасниле против Алијансата за Албанците
На вонредното собрание на Алијансата за Албанците од крилото на Арбен Таравари беше разрешен шефот на Собранието на партијата, Арбен Фетаи. Состанокот на Собранието, како што рече Таравари, го иницирале две третини од членовите. За нов претседател на Собранието на АА е избран Назим Таипи. По состанокот Таравари кажа и дека исклучиле неколку членови кои јавно се изјасниле против Алијансата за Албанците.
„Членовите на претседателството кои беа исклучени се вкупно осум од 46 членови на Централното претседателство, така што тоа продолжува со мнозинството членови, а собранието со апсолутно мнозинство во Централното собрание. За Мимоза Муса не беше донесена одлуката, бидејќи не беше добро дефинирана пораката, дали останува со Алијансата за Албанците или останува со ВЛЕН, немаме јасна порака, “
рече Таравари.

Таравари кажа дека на партискиот состанок била потврдена одлуката за напуштање на Владата и најави дека на локалните избори ќе соработува и со ДУИ и со ВЛЕН.
„Во Битола, во Кичево, во Брвеница, во Чашка, во Преспа, во Бутел ќе соработуваме и со ДУИ и со ВЛЕН, бидејќи само така можеме да им помогнеме на Албанците и тоа е од албански интерес, во другите општини ќе видиме, немаме дефинитивна одлука. Не исклучуваме соработка со која било опозициска политичка партија, освен со Левица. Да сте сигурни дека со Левица нема да соработуваме,“
додаде Таравари.
По одлуката на Таравари да поднесе оставка од министерската функција во Здравство, неговиот пример го следеа и заменик-министрите од ресорите земјоделство, шумарство и водостопанство, и одбрана – Фљакрон Беџети и Елфет Исмаили. Оставка си поднесе и националниот координатор за имплементација на нови технологии Блерант Рамадани.
Фетаи остана во Владата како вицепремиер за добро владеење. Тој претходно во писмено обраќање до јавноста , порача дека неговиот глас е „гласот на Алијансата која не се предава, не се продава и не се плаши“.
По одлуката на Таравари за напуштање на владината коалиција и ВЛЕН, и дел од пратениците донесоа одлука за напуштање на партијата.