Во периодот од 07:30-10:30 часот во недела ќе се одржи атлетска улична трка со стартно-целна позиција на булевар „Јане Сандански“. А во 10 часот од Средно Водно почнува хуманитарната трка „Сите за Кочани – трчаме заедно“, по повод Денот на Европа. Сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници, информира МВР
На 25.05.2025 г. (недела) во Скопје ќе има посебен сообраќаен режим, информираат од Министерството за внатрешни работи. Во периодот во 07:30 часот до 10:30 часот, ќе се одржи атлетска улична трка со стартно-целна позиција на бул. „Јане Сандански“.
Натпреварувачите, според најавите, ќе се движат на дел од бул. „Јане Сандански“ (десна коловозна лента гледано во насока на движење исток-запад) на потегот од крстосница со бул. „Србија“ и бул. „Видео Смилевски Бато“ до крстосницата со ул. „Владимир Комаров“, на дел од ул. „Васко Карангелевски“ (во двете насоки на движење) на потегот од крстосница со бул. „Јане Сандански“ до крстосница со бул. „АСНОМ“ и на дел од бул. „АСНОМ“ (десна коловозна лента гледано во насока на движење исток-запад) на потегот од крстосница со бул. „Киро Глигоров“ и бул. „Србија“ до крстосницата со ул. „Васко Каранѓелевски“ во Скопје.

Исто така, МВР информира и за посебен сообраќаен режим утре од Средно Водно до манастирот „Св. Пантелејмон“, каде со почеток во 10:00 часот ќе се одржи хуманитарна трка по повод одбележување на Денот на Европа, насловена „Сите за Кочани – трчаме заедно“, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138), до паркингот на манастирот „Св. Пантелејмон“ и обратно.
Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници, велат од МВР и апелираат граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.