Според информацијата објавена на социјалните мрежи, летовите ќе почнат од 31 октомври
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски најави воспоставување на нова авиолинија од Скопје за Ларнака, Кипар. Според информацијата објавена на социјалните мрежи, првиот лет ќе биде од 31 октомври.
„Од 31.10.2025 започнува новата авиолинија Скопје – Ларнака, Кипар! Ова е 11-та нова линија за 10 месеци, а е резултат на политиките на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Субвенциите и политиките на Владата за развој на авиолиниите даваат резултати. Продолжуваме да работиме на развојот на авиосообраќајот во Македонија“,
напиша Николоски на Фејсбук.
На почетокот на мај Николоски кажа дека во министерството се работи на модел за привлекување нови авиолинии. Според него, новиот модел би требало да овозможи најмалку десет, а потенцијално и дваесет нови дестинации.
Сегашниот модел на субвенционирање на патници во доаѓање, Николоски вели дека дава резултати и оти за неколку месеци има десет нови линии. Во иднина, како што кажа, се планира да се зголемат субвенциите.
„Во моментов плаќаме по патник во доаѓање за некој што би слетал во Скопје по 9 евра, а некој што би слетал во Охрид плаќаме по 12 евра. Подготвени сме да одиме нагоре под услов компанијата да отвори најмалку 10 дестинации во исто време, но да го довршиме, па ќе зборуваме за ова“,
рече тогаш Николоски.