Оваа година на лентата на венецот ја пишува нејзината функција и името на државата – Претседател на Република С Македонија, за разлика од минатата година кога на венецот што таа го положи во Рим не го пишуваше името на државата, туку само нејзината функција и нејзиното име
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска положи венец пред спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј, што се наоѓа во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим, по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители.

„Положив венец пред спомен-плочата на македонски јазик, поставена во сеќавање на големите дела на светите браќа Кирил и Методиј, втемелувачите на словенската писменост, духовност и култура“,
пишува претседателката на Фејсбук.

Оваа година на лентата на венецот ја пишува нејзината функција и името на државата – Претседател на Република С Македонија, за разлика од минатата година кога на венецот што таа го положи во Рим не го пишуваше името на државата, туку само нејзината функција и нејзиното име.
Потоа, претседателката и државно-црковната делегација го посетија и гробот на папата Франциск.
Вечер, во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, претседателката Сиљановска-Давкова ќе присуствува на концертот „Македонисимо“ на Симон Трпчески, настан во организација на македонското Министерство за култура.
Македонската делегација предводена од Силјановска-Давкова вчера во базиликата „Сан Клементе“ во Рим присуствуваше на молебен на гробот на Свети Кирил по повод чествувањето на 24 мај, со кој чиноначалствуваа митрополитот Тетовско-Гостиварски господин Јосиф и епископот Стобиски, господин Јаков, во придружба на повеќе свештенослужители.